Во Грција за 10 до 20 отсто поскапо


Намалена побарувачка за велигденски аранжмани бележат туристичките агенции. Главната причина е што овој празник дојде многу брзо по 8 Март.
„Во споредба со лани, понудата е поскромна зашто и побарувачката е помала“, велат од „Игуана травел“. Оформиле групи за неколку дестинации и чекале да се пополнат. Оние што одлучиле да заминат за Велигден во Грција, ќе ги чини поскапо.
„Годинава има многу голема побарувачка за Грција од туроператорите од другите балкански земји и затоа цената скокна за 10-20 отсто. Уште сега им се резервирани 90 отсто од капацитетите за цело лето“, велат од туристичките агенции.
За да не се изненадат пред да се распакуваат, патниците треба да знаат дека од почетоков на годинава во Грција се наплатува туристичка такса. Таксата не е влезена во аранжманот, туку туристот ја плаќа на самото место. На Евзони, од крајот на декември, се наплатува и патарина од 1,80 евро во еден правец.
„Овие износи не влијаат врз побарувачката“, вели Снежана Јовановска од ТА „Орфеј“. Според неа, последниве години се забележува дека нашите туристи го намалуваат бројот на денови на престој во Грција.
„Со воведувањето на евтините авионски линии, македонските туристи сѐ почесто 5-6 дена одат во Грција, а остатокот од одморот го користат за посета на некој европски град. Со онлајн-сместувањата и онлајн-билетите, сѐ повеќе, особено младите, патуваат низ Европа, многу поевтино отколку да одат преку туристичка агенција“, вели Јовановска.

Такса за престој, дневно
Хотели:
1*-2* – 0,50 евра
3* – 1,50 евра
4* – 3,00 евра
5* – 4.00 евра
Апартмани – студија:
1-2 кревети – 0,25 евра
3 кревети – 0,50 евра
4 кревети – 1,00 евра

Агенциите без гарантирана заработувачка како извршителите
Онлајн-планирањето на целото патување, од билети до сместување во лична режија, за туристичките агенции значи намалена заработка.
„И што треба сега, ние туроператорите да бидеме како адвокатите, нотарите и извршителите кои бараат државата во законска рамка да им дозволи да ги поскапуваат постапките? Треба ли и ние да бараме од Владата задолжително секој да купи од нас авионска карта, да му земеме на секој патник со закон пропишани 30 евра за услугата за издавање билет и да земеме провизија за букирање на хотелот? Пазарот е отворен и секоја индустрија треба да се бори за клиентот со квалитет, цена, врз основа на конкуренција, без оглед дали професијата е правна, туристичка, трговска или друга“, вели експретседателката на коморското здружение за туризам Снежана Јовановска. (А.С.)