Во вторник гласање за договорот за Брегзит во британскиот Парламент


Британскиот државен министер за Брегзит, Куаси Картенг, денеска изјави дека гласањето во Парламентот за договор за излез од ЕУ ќе се одржи во вторник.

– Ќе има гласање во вторник и планираме да победиме. Имаме добра шанса, изјави Картенг за Скај њуз.

„Сандеј Тајмс“ претходно објави дека британската премиерка Тереза ​​Меј се очекува да го одложи закажаното за вторник клучно гласање во Парламентот за договорот за Брегзит и на почетокот од следната недела да замине во Брисел на нови разговори.

Весникот цитира „министри и помошници“, според кои Меј денеска ќе објави дека го одлага гласањето. Многумина предвидуваа дека таа ќе загуби на гласањето и министрите се загрижени дека поразот може да доведе до пад на Владата, пишува весникот.

Меј следната недела ќе замине за Брисел за да упати последен повик до Европската унија за подобри услови во договорот за излез на Велика Британија, со цел да добие поддршка од пратениците.