Во акцијата „Ден на дрвото“ повеќепати биле пошумувани исти површини


Локациите каде се вршеше пошумување во рамки на акцијата „Ден на дрвото“ биле несоодветни за пошумување и повеќе од површините се пошумувани повеќепати, објави денеска Јавното претпријатие „Македонски шуми“, кое ги обезбедуваше садниците.

– Бевме задожени да бараме локации за пошумување покрај населени места и блиску до пристапни патишта, како и косини покрај автопатиштата и средишниот простор на автопатиштата, покрај езерата и сл. Најчесто овие површини беа несоодветни за пошумување со шумски видови садници. Повеќето од површините се пошумувани повеќепати (во повеќе акции), се вели во соопштението.

Финансиската анализа направена од страна на претпријатието покажува дека за периодот од 2008 до 2016 година за оваа акција потрошени биле 1.100.701.431,6 денари, од кои 297.235.394,9 денари од буџетски средства од Министерството за земјоделство, а 31.976.705,00 денари од Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството и руралниот развој за набавка на палми. Од буџетот на претпријатието „Македонски шуми“ потрошени се 771.489.331,8 денари.

Од вкупно засадените 35.211.986 садници успеале само 21 процент или 7.394.518 садници.

Од „Македонски шуми“ посочуваат дека и пред акцијата „Ден на дрвото“ вршени се редовни пошумувања и оти во периодот од 2002 до 2007 година пошумувана е поголема површина.

– ЈП „Македонски шуми” пред почнување на Акцијата „Ден на дрвото“ вршеше редовни пошумувања со Програмата за проширена репродукција (за споредба од 2002 до 2007 година по основ на редовните обврски пошумена е површина од 8.391,92 ха и за истиот период по програмата за проширена репродукција пошумени се 5.414 ха или вкупно пошумени се 13.805,92 ха со 34.514.800 садници), се вели во соопштението.

„Македонски шуми“ најавува дека ќе продолжи со натамошно пошумување и озеленување на територијата на Македонија, но не на начин на кој досега се спроведувало преку акцијата „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“.