Внимавајте ако одите на одмор во Црна Гора, во 2018 собрани 4 милиони евра од сообраќајни казни


Црна Гора е една од поатрактвините туристички дестинации за македонските туристи, но доколку сакате летниот одмор да не ви се претвори во пекол, ќе мора да ги почитувате сообраќајните прописи зашто казните се огромни.

Црногорската полиција од почетокот на оваа година од казни наплатила четири милиони евра, објави порталот Cdm.me. Најчести прекршоци што ги регистрирала црногорската полиција се престигнување на полна линија, надминување на дозволената брзина, возење нерегистриран автомобил, зборување на телефон, неносење сигурносен појас.

Од почетокот на оваа година, според податоците на црногорското МВР, од сообраќајни прекршоци, во црногорскиот буџет се слеале вкупно 3.920.270 евра.

Во Црна Гора, според Законот за безбедност во сообраќајот, казните за прекршување на сообраќајните прописи се движат од 30 до 2.000 евра.

За некористење појас, возачот ќе плати парична казна од 40 до 100 евра, а употреба на мобилен телефон додека возите казните се од 60 до 150 евра.

Надминувањето на дозволената брзина носи уште поголема казна, па така, доколку во населено место ја надминете дозволената брзина од 30 до 50 км/ч, ќе платите казна од 450 евра, а ако брзината е уште поголема казната може да биде до 2.000 евра.

Особено се казнува возењето во алкохолизирана состојба, па казните за овој прекршок се помеѓу 200 и 2.000 евра, со одземање на возачката дозвола.

Бидејќи црногорските власти на странците не можат да им ја одземат возачката, доколку имаат над 1 промил алкохол во крвта, за нив е предвидено трезнење во полициска станица од 12 часа и веднаш потоа се праќаат кај судија за прекршоци. Казната е од 300 до 2.000 евра, а доколку прекршителот не ја плати казната веднаш, се испраќа на отслужување затворска казна од најмалку 12 дена.