ВМРО-ДПМНЕ ќе гради став за предлогот на Иванов за Богов


ВМРО-ДПМНЕ во наредните денови ќе изгради став околу предлогот на претседателот Ѓорге Иванов за реизбор на Димитар Богов на гувернерската функција.

Овој предлог на Иванов е во собраниска процедура, но не е ставен сѐ уште на дневен ред, за што треба да се закаже нова седница.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев изјави дека органите на ВМРО-ДПМНЕ, сепак, треба да изградат став околу предлогот за гувернер на НБРМ. Данев вели дека лично смета оти Богов добро ја извршувал функцијата во изминатите седум години.

СДСМ контролира моментно не повеќе од 45 гласа во парламентот, со оглед на тоа што тројца пратеници од партијата се сѐ уште во куќен притвор, а неколкумина од помалите партии ја напуштија пратеничката група на опозициската коалиција. Таа бројка не е доволна за реизбор на Богов на функцијата, за што е потребно апсолутно мнозинство во законодавниот дом. Потребните минимум 61 глас може да се соберат ако ВМРО-ДПМНЕ обезбеди поддршка за Богов уште од петнаесетина пратеници од други пратенички групи.