ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов ќе го претвори Скопје во главна депонија во земјата


ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека Градот Скопје дозволил сметот од Струга да се депонира во скопската депонија „Дрисла“ и со тоа главниот град го направил главна депонија во земјата.

„Градот Скопје станува главна депонија во Македонија во која треба да се слеваат депониите и од другите градови во државата, што е недозволиво и со катастрофално влијание по однос на животната средина. Имено во Скопската депонија Дрисла се транспортира ѓубрето од Тетово, а најново е што од страна на општина Струга е објавен јавен тендер за избор на компании кои ќе постават контејнери и ќе го пренесат сметот од депонијата во Струга.
Исто така беше кажано дека за целава активност во игра e депонијата Дрисла, и мислиме дека ова е премногу сериозна работа и дека ова е нешто што не треба да се премолчи, туку напротив треба да се стопира“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека ако се земе во предвид фактот дека целосната кампања на градоначалникот Петре Шилегов и ударниот момент од таа кампања, за што ја добил довербата на граѓаните на град Скопје, бил екологија и чист воздух. Додаваат дека ова е вознемирувачко и недоследно за она што се ветувало и за она сега што се случува.

„Едно од прашањата е дали градоначалникот на град Скопје дозволи и даде одобрение за одлуката сметот од депонијата Струга да се носи во град Скопје во Дрисла? Второ дали имаат направено анализа какво влијание тоа ќе има врз животната средина? Трето дали се во прашање приватни бизнис интереси на луѓе блиски до власта кои треба да профитираат од сето ова?“, велат од опозициската партија.