ВМРО-ДПМНЕ со кривични пријави против Заев


Зоран Заев сака да ја избрише Република Mакедонија, нејзината историја, традиција и култура, да го поништи македонскиот идентитет и затоа ги крие од народот амандманите со кои планира да го менува Уставот, а очекува од граѓаните да излезат и самите да гласаат за да си се поништат, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на утрешниот протерстен марш во Штип со почеток во 13 часот пред црквата Св.Никола.

„Во цела низа на членови во Договорот со Грција точно се прецизира бришењето на идентитетот – од тоа како ќе биде новото име, промена на Устав, документи, како треба да гласи второто име, како ќе се преименуваат институциите и како ќе гласи националноста и државјанството. Заев треба да сфати дека станува збор за менување името на држава преку промена на највисокиот правен акт Уставот, а не се менува име на некоја од неговите фирми“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, која поднесе кривични пријави против премиерот Заев за наводен поткуп на гласачи.

Најголемата опозициска партија очекува Јавниот обвинител Љубомир Јовески, согласно, како што велат, правата и обврските, веднаш да поведе постапка за проверка на наводите и да ги преземе сите понатамошни мерки за спречување на ова кривично дело од страна на Зоран Заев.  Димитар Димовски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ во Кривичната пријава бара од Јавниот обвинител во рок од осум дена, како подносители на пријавата да гио извести за преземените постапувања и исходот од нив.

„Само со соодветна реакција од институциите, криминалците може да бидат спречени во беззаконието. Само со соодветна реакција и може да се докаже дека премиерот Зоран Заев не е над законот“ – потенцира Димовски.