ВМРО-ДПМНЕ: Шекеринска ќе одговара за злоупотребата на службената должност


Радмила Шекеринска ќе одговара по член 353 од Кривичниот законик за злоупотребата на службената должност заради сите криминални набавки, сомнителни тендери и доделени грантови по партиски клуч. Токму овој член од Кривичниот законик е оној по кој, кога ќе се врати правната држава, а судството ќе се ослободи од стегите на кланот, криминалците на власт ќе бидат гонети за поделените стотици милиони евра во партиските компании, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, единствениот интерес и приоритет на Радмила Шекеринска и на нејзиниот партиски лидер се бегството од законот и бонбона-бизнисите на сметка на осиромашување на државата и безбедноста.

 

 

,,Радмила Шекеринска според член 353 од КЗ ќе одговара како министер за одбрана од набавките на мазут од компанија што не ги исполнува условите, набавка на автомобили од партиски спонзор – компании за милионски суми евра, а ќе се преиспитуваат и набавките на бадеми, лешници, морски плодови и торти за десетици илјади евра, потоа евентуалната злоупотреба на армиски летала, до делењето грантови на свои блиски сомнителни партиски организации скриени под плаштот на граѓански здруженија. Радмила Шекеринска, како и впрочем целиот состав на власта, се обидува да ја заобиколи вистината и што повеќе да излаже сè со цел манипулација на јавноста поради капитулантскиот договор со Република Грција во кој гледаат спас од правото и правдата“, се додава во реакцијата.