ВМРО-ДПМНЕ против промена на уставното име


Новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски во синоќешното интервју за МТВ, осврнувајќи се на актуелните случувања во процесот на решавање на спорот со Грција, изјави дека тој лично и партијата се против промена на Уставот што ќе значи промена на уставното име. Мицковски рече дека ВМРО-ДПМНЕ во моментов е надвор од процесот за решавање на прашањето за името бидејќи никој не ги поканил да биде дел од процесот, ниту има каква било информација што се случува официјално, ниту неофицијално. – Можеме само да претпоставуваме што би било кога би било. Се согласувам дека годината почна интензивно, има доста информации, но сето она што ние го знаеме го дознаваме од медиумите и не би можел да кажам ниту детали ниту спецификации, кажа Мицковски. Посочи дека е потребно достоинствено решение и што побрзо затворање на проблемот, но тој и партијата се против промена на Уставот и се залагаат за изјаснување на граѓаните на референдум. Мицковски се осврна и на насилствата во Собранието на 27 април лани, оценувајќи дека тоа било најголемата штета на интересите на неговата партија.