ВМРО-ДПМНЕ очекува и други партии да гласаат против Владата


ВМРО-ДПМНЕ очекува и други партии кои се надвор од опозициската коалиција да гласаат против Владата на СДСМ и на ДУИ, на седницата за интерпелацијата што се очекува да се одржи веднаш по Велигденските празници.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ го поднесе во сабота барањето за гласање недоверба на владата, парламентот би требало да се изјасни по ова прашање во вторник пред полноќ. Според проценките, гласањето по однос на интерпелацијата ќе укаже на распоредот на сили во парламентот во период кога премиерот Зоран Заев се обидува да го прошири парламентарното мнозинство со некои од досега опозициските пратеници.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев кусо ни изјави дека на сите опозициски партии им е понудено да гласаат за недоверба на владата, а дека од нив зависи како ќе постапат.

Со ставањето на дневен ред на интерпелацијата против Владата, прекинува опозицискиот бојкот на парламентот кој почна пред повеќе од четири месеци, поради приведувањата за настаните на 27 април 2017 година, кога им беше одземен и имунитетот на шестмина пратеници од коалицијата „За подобра Македонија“.

Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ која влезе во Собранието како најбројна пратеничка група – со 51 пратеник сега функционира со тројца членови помалку, кои се приклучија на владејачкото мнозинство. Исто така, тројца пратеници сѐ уште се во притвор, така што пратеничката група на опозициската партија се враќа засега во парламентот со 45 пратеници, од кои 39 се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од албанскиот политички блок, пак, речиси сите досега опозициски субјекти се во преговори за приклучување кон мнозинството (ДПА и двете крила на Беса), така што засега се чини неизвесно само како ќе постапи по интерпелацијата Алијансата на Албанците, која пред неколку месеци излезе од Владата.

За евентуално изгласување недоверба на владиниот кабинет се потребни минимум 61 пратенички глас. Во случај да се изгласа недоверба на Владата, таа е должна да поднесе оставка, во спротивно, во следните 90 дена не може да се покренува повторно прашање за доверба во кабинетот на „Илинденска“.