ВМРО-ДПМНЕ обвинува: Заев и Анѓушев на чело на криминален клан


ВМРО-ДПМНЕ го обвинува премиерот Зоран Заев дека е на чело на криминален клан, кој откако ја преземал власта континуирано го зголемува своето богатство.

„Зоран Заев потврди дека неговата фамилија, преку братучедот Трајче Заев, влезе во милионскиот бизнис со марихуана. Ова е второ големо проширување на бизнисите на Заеви, откако тој е премиер. По стапувањето на функцијата на Заев, фирмите на Заеви го преземаа струмичкиот конфекциски гигант ‘Герас Цунев’ со деловни простории над 1800 м2, по цена од една гарсоњера или само за 20.000 евра. Доколку тука нема конфликт на интереси, тогаш до крај на мандатот половина Македонија ќе стане сопственост на неговиот клан“, изјави Орце Ѓеорѓиевски од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, втор човек на картелот е вицепремиерот Кочо Анѓушев.

„Со самото стапување на функцијата вицепремиер, фирмите на Анѓушев почнаа да нижат државни тендери.  ‘Фероинвест’ на Анѓушев доби тендер вреден 2.6 милиони евра од АД ЕЛЕМ, а Владата на седница изгласа ослободување од царина за јонско литуимски батерии, кои во Македонија единствено ги користи фирма на Анѓушев.  Деновиве јавноста беше сведок на уште една зделка на Анѓушев. Во екот на преговорите околу спорот за името, тој  си доби на сметка  пет милиони евра од соседна Грција. Тој си ја реализираше продажбата на неговата ЕДС, на грчкото електростопанство за 4.8 милиони евра“, рече Ѓорѓиевски.

Како што оценува ВМРО-ДПМНЕ, картелот ја има заробено државата и ја користи за свои  лукративни потреби.