ВМРО-ДПМНЕ обвини за погубни политики, СДСМ вели дека опозицијата е очајна


Владата нема капацитет за водење на институциите што се под извршната власт, води погубна економска политика и ги крши Уставот и законите, обвини на денешната собраниска седница опозициската ВМРО-ДПМНЕ која поднесе барање за гласање на доверба на Владата предводена од СДСМ и ДУИ.

За пратениците од СДСМ, денешното барање за гласање доверба на Владата е очаен обид на опозицијата да си најде оправдание за да се врати во Собранието.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, образложувајќи го барањето за гласање доверба, рече дека ова прашање го покренале за јавно да бидат изнесени сите факти и аргументи за, како што посочи, оваа недемократска и најнеспособна Влада.

Обвини дека Владата наместо да се зафати со решавање на реалните проблеми на граѓаните, работи само на одржување на владината коалиција и сопствените интереси. Според Данев, Владата предводена од СДСМ и ДУИ ги крши законите и Уставот, а како доказ за тоа го посочи носењето на Законот за јазиците. Рече дека тотален колапс доживеал и планот „3-6-9“, судството е заробено и извршено е нагло партизирање на институциите и бркање од работа на професионалци и нивно деградирање. Посочи дека од работа се избркани 250 лица од јавното соообраќајно претпријатие на Град Скопје и на лица на неопределено време вработени во јавното претпријатие „Водовод“. Рече дека има сериозен конфликт на интереси кај вицепремиерот за економски прашања, како и сериозни индиции дека фирми блиски до власта се вмешани во коруптивни дејанија.

ВМРО-ДПМНЕ обвини и за погубни економски политики, за пад на економскиот раст и инвестициите, но и за незголемување на платите и пензиите. Според ВМРО-ДПМНЕ, има уназадување и во здравството, полицијата и во останатите области.

За координаторот на СДСМ Томислав Тунтев, образложението од ВМРО-ДПМНЕ изобилува со паушални и невистинити констатации, не е поткрепена со објективни и мерливи критериуми и не постои критика за министрите од ДУИ, туку само за министрите од СДСМ.

– Поразително е сознанието дека ова е одбраниот начин опозицијата да се врати во Собранието на голема врата. За нас голема врата беше очекувањето дека опозицијата ќе се врати за да дискутираме за она што Република Македонија го презеде како обврска за пакетот реформски закони. За тоа денеска да разговараме, за планот 3-6-9 да стане реалност. За десет дена од денеска ние очекуваме и не само што очекуваме туку ќе добиеме позитивен, безусловен, извештај од Европската комисија, истакна Тунтев.

Посочи дека е укината радиодифузната такса, вратена е евтината тарифа на струјата, решен е проблемот на стечајните работници, а во делот на надворешната политика подобрени се односите со соседните држави.

Поради протоколарни обврски на Собранието и на Владата, од 12 до 13 часот е дадена пауза, а втората пауза ќе биде утврдена во текот на расправата.

По завршувањето на расправата на пратениците, се очекува да се обрати претседателот на Владата Зоран Заев.