ВМРО-ДПМНЕ: Не баравме потписи од пратениците во куќен притвор


Барањето за интерпелација за работата на Владата, која што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе до Собранието без потписи од сите пратеници, предизвика реакции во јавноста околу евентуалното неединство во опозицијата. Документот го потпишаа 41 пратеник од вкупно 48 колку што во моментов има коалицијата „За подобра Македонија“ откако тројца пратеници преминаа на страната на власта. Од ВМРО-ДПМНЕ за „Независен весник“ велат дека на списокот од нивните редови недостигаат само потписите на тројцата пратеници кои се во куќен притвор поради настаните во Собранието пред една година. На барањето нема потпис ниту од тројцата пратеници на Социјалистичката партија.

„Можеме да зборуваме единствено во наше име: на барањето се потпишани сите пратеници од ВМО-ДПМНЕ со исклучок на тројцата во куќен притвор, кои не сакавме да ги вознемируваме, имајќи предвид дека и без нив го имаме потребниот број. Како ќе постапат нашите коалициски партнери е нивна работа, но очекуваме секој пратеник без оглед на чија партија е член, да постапи совесно и да гласа против погубните политики на Владата“, ни рекоа од ВМРО-ДПМНЕ. (Г.А.)