ВМРО-ДПМНЕ на улица, Македонија во чекална
Секојдневни протести на улиците, почнувајќи од мај, до повторно враќање на власт е една од стратегиските цели на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Што е тоа што ја поттикна оваа партија пак да излезе на улица? Дали Законот за употреба на албанскиот јазик, кој предизвика големи контроверзии во јавноста и тензии во парламентот? Зошто токму во мај кога се знае дека јуни и јули се клучни за евроинтеграциските процеси? Зошто на улица кога Собранието е местото каде што политичките субјекти и пратеници, кои се платени од страна на народот, треба да дебатираат и расправаат за актуелните теми? И, од друга страна, не е ли лицемерно да се прави тоа додека се седи со СДСМ на иста маса и се разговара за реформските закони?
„Од ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да ја заживеат за нив единствената успешна стратегија: поттикнување на национализмот и етничките поделби. Законот за јазиците е одлична основа за тоа бидејќи силно го поларизира јавното мислење. Стратегијата на поделби, која се чинеше дека е минато откако беше поразена во декември 2016, преку законот доби ‘шанса’ повторно да се врати во игра. А, кој друг ако не ВМРО-ДПМНЕ тоа може да го искористи. Оттаму, мислам дека тие видоа добра можност да се вратат на старите комотни позиции. Дополнително, во прилог им оди и бранот на незадоволство кон одредени потези на новата власт. Она што сепак сметам дека е голема грешка е што новото раководство сѐ уште не е одлепено од прегратката на старото, што е голема пречка во мобилизирање на јавноста. Тие ќе успеат да го мобилизираат и заживеат своето гласачко тело, да ги разгорат страстите, но не и да предизвикаат посериозни граѓански протести. За тоа да се случи, потребна е доверба во новото раководство и вистински партиски реформи кои засега ги нема“, анализира комуникологот Никола Спасов, директор на агенцијата „Рејтинг“.
Според него, терминот за најавените протести е токму летово кога е најавана можната разрешница за името, но и погоден период од годината за излегување на улица.
„Улицата е погодна за мобилизација, креирање секојдневни настани и содржини, држење на тензијата и посакуваната порака во центарот на вниманието. Собраниската говорница едноставно не е канал преку кој може да се поттикне и стимулира незадоволството ниту, пак, да се контролира пораката. Тоа е место за дебата и не предизвикува доволно интерес кај граѓаните. Дополнително, додека ВМРО-ДПМНЕ е во Собрание, тоа значи дека нема криза, а без креирање криза едноставно јавното мислење не се менува“, констатира Спасов.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека револтот во јавноста од катастрофалните и антидржавни политики е огромен, расте од ден на ден и се потврдува дебаклот на Владата на економски план и на политички.
„Лагите со кои Зоран Заев ги потцени граѓаните секојдневно го зголемуваат притисокот да се излезе на улица. Во моментов ВМРО-ДПМНЕ е во фаза на внатрешна реорганизација, но е на терен и го слуша гласот на народот. Како и секогаш, нудиме подобра алтернатива и цениме дека мај е оптималниот термин кога треба да почне да се канализира овој револт што сега се зголемува“, изјавуваат од најголемата опозициска партија.Децидни се дека во однос на европските перспективи не се важни само јуни и јули, но важен е секој ден, а тоа го велат и меѓународните претставници.
„ Во контекст на европските перспективи, ВМРО ДПМНЕ била и ќе остане конструктивна и никогаш нема да дозволи да биде виновник за блокирање на напредокот на Македонија. Токму затоа учествуваме во работните групи кои имаат цел да ја подобрат содржината на реформските закони. Кога станува збор за перспективите на државата, ВМРО-ДПМНЕ не калкулира, иако револтот од однесувањето на СДСМ и актуелната власт кон нашето членство е голем. Очекуваме избори час-поскоро“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешниот министер за внатрешни работи и истакнат функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубе Бошкоски, не се согласува со стратегијата на Мицкоски за излегување на улица.
„Во интерес на сите граѓани е да ја видиме Македонија како влегува во НАТО и затоа во овој момент, протестите на улица не се решение. Мислам дека грешат, но тоа е нивна одлука и право. Според мене, парламентот е местото каде што треба да се отвори дебата, но, за жал, во Македонија сѐ уште не е разграничена власта, односно поделбата на власта и тешко е да се направи дистинкција меѓу трите власти. Сметам дека треба да му се остави простор на премиерот Зоран Заев да ги постави работите на вистинско место и да му дадеме поддршка, а не да му вршиме притисок“, нагласува Бошкоски.
Горан Адамовски