ВМРО-ДПМНЕ на протест пред Влада на 2 јуни


ВМРО-ДПМНЕ на 2 јуни во Скопје пред Владата ќе организира народен протест, најави претседателот на партијата Христијан Мицкоски по седницата на Централниот комитет.

„На седницата на Извршниот Комитет и  на седницата на Централниот Комитет ја разгледувавме актуелната политичка и економска ситуација во Република Македонија, ги разгледувавме актуелните теми што живот значат за граѓаните во Република Македонија. Оваа трета генерација политичари на ВМРО-ДПМНЕ учеше од првата генерација, растеше со втората генерација и како основна цел и задача си постави да ги порази остатоците од транзицијата, а тој пораз ќе почне со организирање на еден огромен народен протест што ќе се случи на 2 јуни, во 20 часот, пред Владата на Република Македонија“, изјави синоќа Мицкоски.

Ги повика сите оние, како што рече, добронамерници, сите оние обесправени, сите оние разочарани, сите оние излажани од страна на Зоран Заев и политичарите околу Зоран Заев.

„Ги поканувам да ни се придружат да застанат рамо до рамо со нас, да тргнеме во офанзива, да тргнеме во оваа битка и конечно да ја поразиме оваа ненародна влада, што и се случува на нашата татковина“, истакна Мицкоски.