ВМРО-ДПМНЕ: Кој лаже, Заев и Димитров или Груби кога вели дека се преговара и за идентитетот и јазикот


Владеачката коалиција секојдневно нанесува огромна и ненадоместлива штета на Република Македонија во спорот околу проблемот кој што соседна Република Грција го има со нашето име.

СДСМ и ДУИ како да се натпреваруваат кој ќе направи поголема отстапка без да се направи проценка за последиците  врз највисоките национални интереси,  реагира ВМРО-ДПМНЕ на изјавите на пратеникот Артан Груби од ДУИ во САД.

„Пратеникот Артан Груби се пофали дека  формата на новото име била договорена. Истиот јавно кажа дека на медијаторот ќе му понудел дополнителни идеи кои ги добил, ни помалку, ни повеќе, туку од грчки авторитети. Да не беше трагично ќе беше смешно македонски претставник да нуди идеи добиени од грчки авторитети.

Најзагрижувачки е самиот факт што самиот Груби откри дека не бил најголем проблем само формата на името, туку другиот дел од договорот кој се однесувал на идентитетот, јазикот, националноста, употребата и преводот.

Кој лаже? Заев и министерот за надворешни работи Димитров кога велат дека за идентитетот не се преговара или Артан Груби и ДУИ кога велат дека се договара решение за идентитетот, јазикот и националноста?

Кого претставува Артан Груби кога му изнесува идеи на Нимиц? Дали зад овие идеи стои Зоран Заев и СДСМ.

Сведоци сме на срамно пазарење со највисоките државни интереси.

Македонија и македонскиот народ не заслужиле ваков однос од Зоран Заев и владеачката гарнитура.

Доколку наводите на Груби не се точни и не се преговара за идентитетот, јазикот и националноста, Владата мора веднаш да се огради и да ги отфрли неговите предлог идеи.

Доколку тој настапува волунтаристички, Зоран Заев мора да преземе соодветни мерки  во однос на однесувањето. Граѓаните се вознемирени и очекуваат Владата да ги штити националните интереси“, изјави  Игор Јанушев, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.