ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со различни гледишта за извештајот на ЕК


На седницата на собраниската Комисија за европски прашања пратениците од владеачкото мнозинство и од опозицијата изнесоа различни гледишта за извештајот.

За ВМРО-ДПМНЕ ова не е прв позитивен Извештај на ЕК за Македонија, а земјата и во времето на нивното владеење постигнала напредок во реформите во полицијата, судството, основните човекови права. Укажаа и на нотираните слабости во реформскиот процес.

– Денес благодарение на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Македонија го изгради потребниот капацитет и е подготвена да започне преговори за членство со ЕУ. Наместо да продолжат по нашиот пат, денес ние ја имаме обратната слика. СДСМ ветуваше дека РМ ќе ја внесат во ЕУ и НАТО само за шест месеци од доаѓањето на власт. Но сега сме сведоци на растечка корупција наведени и во Извештајот. РМ е најкорумпирана земја во Европа, а тоа е нотирано и од Транспанси интернешнл, рече меѓу другото, Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ

Според СДСМ, пак, овој исклучително позитивен извештај потврдува дека Македонија се врати на европскиот пат и од земја во длабока политичка криза стана држава во која постои јасна политичка волја за напредок. За ова придонес имаше и опозицијата која покажа конструктивност и соработуваше за клучните реформски закони.

– Опозицијата е во право кога вели дека претходно сме имале позитивни извештаи од ЕК, но со лошо владеење и непромислени политики наместо да одиме напред, за десет години ние се вративме десетина, ако не и повеќе години назад и подалеку од ЕУ… Овој Извештај ни е втора шасна, но верувам и последна ако навистина сакаме да си ја зачуваме државата, затоа што Македонија веќе нема време за чекање и губење. Моите, напите деца, целата младина упорно е со една нога надвор од државата. Ова им го должиме на нашите деца кои предолго беа заробени во безперскептивност, рече координаторот на СДСМ Томислав Тунтев.

На седницата свои обраќања имаше и експертот за Балканот и професор на Универзитетот „Џон Хопкинс“ од Вашингтон како и претставниците на политичките парти застапени во Парламентот.