ВМРО-ДПМНЕ и дегруевизацијата


Изгледа дека е во право поранешниот премиер Никола Груевски кога вели дека во негово време, мислејќи на десетте години поминати на чело на Македонија, не знаел ниту еден судија. Ако им се верува на „бомбите“ што ги емитуваше тогашната опозиција, а сегашна власт, за судиите биле одговорни некои други лица од неговото најблиско опкружување. Груевски немало потреба лично да ги запознава.

А во право е и кога вели дека судиите сега ги запознава благодарејќи на процесите што се водат против него. Како тргнало, ќе има многу можности за тоа.

Судењата во кои тој е обвинет продолжуваат и неделава, додека неговите сопартијци се подготвуваат за големиот саботен митинг пред зградата на Владата во центарот на Скопје. Прашање е дали довчерашниот лидер ќе се појави во поворката што ќе бара оставка од премиерот Зоран Заев, но се знае оти за него ќе нема место на говорницата пред оградите на „Илинденска“. Почесниот претседател може единствено да го слуша актуелниот лидер, кој се устоличи на фотелјата со негова поддршка на конгресот во Валандово.

Тука е клучната хипотека врз грбот на Христијан Мицкоски и новото раководство. Како да расчисти со името и делото на долгогодишниот партиски претседател, кој и натаму има статус на икона меѓу добар дел од членството, но против кој се водат сериозни судски процеси, а изречена му е и првата пресуда?

ВМРО-ДПМНЕ долги години беше игнорирана од светските центри на моќ. Декларативно определени за членство во Европската Унија и во НАТО, флертувајќи со Русија и со автократскиот стил на владеење, самите се доведоа во ситуација да бидат изолирани во овие 25.713 квадратни километри простор што сѐ уште се нарекуваат Република Македонија. Немајќи храброст гласно да кажат што сакаат, водеа политика од ден за ден, не препознавајќи ги опасностите што се криеја. По смената на Груевски, новото раководство побрза во Брисел и во Вашингтон за да покаже и докаже оти доаѓаат нови времиња. Беа ветувани и промени во целокупната политика, дел од нив можат да се видат, а за други треба време, но дегруевизацијата, доколку во партијата цврсто го сакаат тоа, бара порадикални чекори.

Партијата и претседателот Мицкоски не можат довека да одбегнуваат да го коментираат блиското минато, без оглед какво и да сметаат дека било. Храбро е да се каже дека стојат зад сите политики на Груевски или, обратно, ги осудуваат оние што сериозно ја поткопаа демократијата. Колебливоста не е одлика на политичар што аспирира утре да стане премиер на Македонија. Да, не е лесно да се расчисти со хипотеките, но еден ден ќе мора и тоа да се случи.

Во ВМРО-ДПМНЕ знаат да кажат дека најблиска партија и по идеологија и по дејствување и по поврзаност им е Хрватската демократска заедница (ХДЗ). Ако е така, сигурно знаат дека во 2009 година кога семоќниот Иво Санадер се повлече од претседателското место благодарејќи на неговото лобирање го наследи Јадранка Косор. Идната година беше избришан од членството. На судските процеси што се водеа против него сведочеше и Косор. И тоа против него. ХДЗ загуби на изборите од социјалдемократите, но доби време за консолидирање на разнишаните внатрепартиски слоеви. Потоа дојде на власт и уште е, и покрај погрешните избори за лидер на партијата (Томислав Карамарко) и премиер (Тихомир Орешковиќ), кои набргу беа детронизирани. Некои ќе речат дека новиот премиер Андреј Пленковиќ е од сличен формат како Мицкоски: и двајцата не се типични претставници на партиите што ги водат: не се традиционални, конзервативни, националисти и поради тоа веројатно и имаат поддршка од креаторите на европската политика, а не се омилени кај тврдокорните. Ако сака Мицкоски да му стане колега на Пленковиќ по премиерска линија, мора да заземе став и за незгодни теми. Не е доволно само да не му се даде канцеларија на Груевски во „белиот дворец“, да не му даде збор на митингот, да не создава притисок кон судот и протести по улиците и да го релативизира стилот на владеење што ги практикуваа „груевци“. Мицкоски и новото раководство мора јасно и гласно да кажат што мислат за политиките во Македонија од 2006 до 2017 година! Што мисли за сегашниот премиер, добро знаеме.

Горан Адамовски