ВМРО-ДПМНЕ: Законот за употреба на јазиците е неуставен и беше донесен со измама


Законот за двојазичност кој денес го изгласа парламентарното мнозинство е неуставен. Со овој чин власта покажа дека највисокиот правен акт, Уставот на државата, за неа е само мртво слово на хартија, велат од ВМРО-ДПМНЕ по повод денешното носење на Законот за употребата на јазиците.

„Овој закон беше донесен со измама, односно лажно исцртување на европско знаменце, со што беа злоупотребени процедурите за донесување на закони од важност за интеграција на земјата во ЕУ. Власта треба да сноси одговорност за оваа манипулација со граѓаните“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Законот за двојазичност, како што велат, не придонесува за реално унапредување на правата на албанската заедница во Македонија, напротив ги продлабочува разликите и оди на штета на хомогеноста на македонското општество.

„Двојазичноста ќе креира хаос во правниот промет. Истата ќе создаде неефикасни институции кои ќе потонат во преводот помеѓу јазиците, наместо да бидат од реална полза за граѓаните и да работат во извршување на работата за која постојат“, велат од партијата.

Велат дека законот ќе создаде паралелизам во сите институции како на централно ниво, така и на локално ниво.

Два јазика – две архиви. Ова ќе предизвика дополнителни финансиски импликации за опрема, нови вработувања и нови простории, трошок кој ќе треба да се покрие од парите на македонските даночни обврзници. Македонските државјани со албанско етничко потекло немаат потреба од закони кои не носат реален бенефит и подобрување на нивниот стандард. Граѓаните имаат потреба од реални мерки и проекти кои ќе бидат во насока на подобрување на условите за живот“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по повод денешното донесување на Законот за употреба на јазиците.