ВМРО-ДПМНЕ: Да запрат тендерите и вработувањата пред референдумот


 

Правилата што важат за избори важат и за референдумот, така што власта треба да сопре со сите тендери и времени вработувања, реагира денеска ВМРО-ДПМНЕ.

Според партискиот портпарол Наум Стоиллковски, се она што во нормални, напредни, проевропски и НАТО – држави се смета за корупција и криминал, овдешната власт го смета за, како што вели,  „општо добро,“

– А што е тоа општо добро кога во сите државни ресурси се ставени во функција на одбрана на една политичка партија во предизборен, пардон предреферендумски период? Владата признава дека секојдневните активности на министрите ќе бидат во функција на партијата, во пресрет на референдумот. Притоа се злоупотребуваат ресурси и буџетот и моќта за влијание. Тоа не е општо добро тоа е општа корупција и злоупотреба на власта за партиски цели, за купување, за корупција на гласачкото право на граѓаните, обвини Стоилковски.

Според него, само за власт не важи правната аналогија дека сите правила што важат за избори важат и за референдум, бидејќи гласачот, оценува,  се определува за политичка опција, политичка понуда, дали се согласува или не.

– Во тој момент мора да запрат сите тендери и огласи за времени вработувања бидејќи се криминално дело – корупција за изборни цели. Но наместо да се сопре, сега власта со сета ароганција вели – злоупотребите на државните ресурси во полза на една политичка опција се за општо добро, изјави Стоилковски.