ВМРО-ДПМНЕ го спасуваше изборот на гувернер


Со респектабилни 81 глас „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, парламентот ја избра вчера Анита Ангеловска-Бежовска за гувернерка на НБРМ, истиот ден кога истече мандатот на досегашниот носител на оваа функција Димитар Богов. Новата – петта гувернерка од независноста на Македонија не само што е прва жена на челната функција на монетарната власт, туку е и прва што е избрана во период на кохабитација меѓу Владата и шефот на државата. Веројатно, поради тоа чинот на нејзиниот избор суптилно ги исцрта и релациите меѓу политичките фактори во земјава.

Изборот на Бежоска го поддржаа 23 пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, кои се координираа пред самата седница, според неофицијалните информации, во атмосфера на разногласија поради суспендирањето на првиот предлог на претседателот Ѓорге Иванов – за реизбор на Богов. Иако од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека решиле едногласно да ја поддржат Бежоска, на седницата, всушност, гласаа само половина од опозициските пратеници, додека за другите е забележано дека не биле присутни или дека не гласале. Меѓу оние што не учествувале во гласањето има повеќе познати имиња, како Антонио Милошоски, Борис Змејковски, Владимир Ѓорчев… како и поранешниот координатор Илија Димовски. Тој ден претходно изјави за нашиот весник дека ќе гласа „против“ – не поради Бежоска, туку затоа што, како што оцени, е прекршена процедурата со тоа што предлогот за Богов претходно не бил ставен за изјаснување.

Сепак, да не беа тие 23 гласа од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, кандидатурата на Бежоска можеше да пропадне затоа што мнозинството така ќе имаше само 59 гласа, додека за избор на гувернер се потребни минимум 61 глас. Но на вчерашната седница дојде до израз дека дел од најекспонираните пратеници на ДУИ не се појавија на изборот на гувернер, откако претходно се изјалови планот на интегративците на чело на монетарната власт да застане поранешниот и долгогодишен министер од нивните редови Фатмир Бесими. Откако Богов ја повлече кандидатурата, ДУИ и СДСМ, очигледно, постигнаа договор за поддршка на новата кандидатка на Иванов – со кого, пак, интегративците се посебно во лоши односи. Некои од најекспонираните пратеници на ДУИ, почнувајќи од лидерот Али Ахмети, потоа Артан Груби и Џевад Адеми… не присуствуваа на вчерашното гласање, за разлика од спикерот Талат Џафери и координаторот на пратеничката група Ејуп Халими кои се изјаснија „за“ Бежоска. Според неофицијални информации, крилото околу Адеми силно се спротивставувало на изборот на Бежоска, со образложение дека гувернерската функција требало да ја добие Бесими. Пратеникот Адеми од Тетово беше недостапен да одговори на информациите дека во ДУИ имало разногласие околу изборот на гувернер.
Отсуството на дел од пратениците на ДУИ, како и на дел од новите коалициски партнери на СДСМ, можеше да доведе до тоа гувернерската позиција, сепак, да остане празна, доколку ВМРО-ДПМНЕ со половина од своите пратеници не асистираше во изборот на Бежоска. Присуството на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на вчерашната координација на пратеничката група на неговата партија, која се одржа непосредно пред соопштувањето на пресудата за „Поткуп“, се смета за своевиден сигнал дека исходот од гласањето за нов гувернер до последен момент бил неизвесен.

Примопредавањето на гувернерската функција ќе се реализира денеска, кога Богов ќе ѝ го отстапи кабинетот на Бежоска, која пред околу една година беше негов предлог за вицегувернер, кога беше избрана на функцијата со 97 гласа. И во претходните седум години, од 2010 до 2017 Бежоска беше вицегувернер во НБРМ. Од 2004 до 2010 година, Ангеловска-Бежоска била главен економист во НБРМ. Воедно, била ангажирана во Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, во Одделот за макроекономски политики во европските земји и во Одделот за фискални политики. Ангеловска-Бежоска учествувала во повеќе преговарачки мисии на ММФ за склучување аранжмани со земји членки. Од 1996 до 2004 година работела на повеќе позиции во Министерството за финансии. Во 2015 година се стекнала со титула доктор на науки на Економскиот факултет во Љубљана на тема „Координација на монетарната и фискалната политика во Македонија“.

Александра М. Митевска