ВМРО-ДПМНЕ го пријави Заев за поткуп


ВМРО-ДПМНЕ ја доставила денеска до Јавното обвинителство кривичната пријава што ја најави против премиерот Зоран Заев, поради негова изјава на митинг во Крива Паланка. Како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, Заев повикал на поткуп при избори што е спротивно на чл. 160 и чл.162 од Кривичен Законик и тоа, посочуваат, е казниво дело.
-Ја поднесовме кривичната пријава од причина што јавниот обвинител не постапи согласно своите надлежности што се предвидени во чл. 39 од Законот за кривична постапка односно не отвори постапка против Заев по јавно допрен глас. Со кривичната пријава го доставивме и видео материјалот на кој се слуша како Заев јавно повикува на поткуп, каде што се слуша дека признава дека еден бизнисмен односно сопственикот на „Минстрој“ веќе му ветил дека ќе ги награди работниците доколку излезат на претстојниот референдум. Целта ни е да докажеме дека никој не е над законот, па ниту Заев, изјави Димитар Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ, исто така, го критикува обвинителството и за непостапување по кривичната пријава за велепредавство поднесена против пратеници и членови на владата.
Од 5 јули е поднесена кривична пријава против Заев, Никола Димитров министер за надворешни работи, Талат Џафери, претседател на Собранието, Артан Груби, претседател на Комисијата за европски прашања и уште 67 пратеници по 4 основи од Кривичниот законик и тоа велепредавство, загрозување на независноста, здружување заради непријателска дејност и злоупотреба на службена положба. Помина повеќе време, поминати се еве речиси два и пол месеци и до денеска немаме никакво известување што се случува со таа кривична пријава што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе, рече Димовски.