ВМРО-ДПМНЕ: Владата ја турка Македонија кон грчко сценарио


Владата на СДСМ ја турка Македонија кон грчко сценарио, така што во 2020 година јавниот долг ќе изнесува огромни 53.5 проценти од БДП, обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Во наредните три години, расипничката власт планира брутална кражба на државата и полнење на џебовите на криминалната врхушка преку задолжувања кои ќе ги враќаме сите.Владата на Заев ова си го пиша и во фискалната стратегија до 2020 година, со чија реализација ќе ја погребаат македонската економија. Во таа стратегија СДС планира да ја задолжува Македонија и долгот да ја надмине психолошката граница на долгот од 50 проценти од БДП“, оцени денеска Драган Данев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што оценува Данев, СДСМ само до пред неколку месеци зборуваше дека Македонија е презадолжена земја и дека не смее да се помине границата од 50 отсто, а сега тие планираат да ја достигнат за три години границата од речиси 60 отсто.

„Граѓаните веќе гледаат како, за само неколку месеци, оваа власт потроши астрономски 342 милиони евра од девизните резерви на Македонија. За само неколку месеци, само по основ на аукции на државни хартии од вредност, ја задолжија државата за речиси половина милијарда евра. Од тоа граѓаните не видоа ама баш никакво фајде.Едно е сигурно, оваа влада на СДС и на Заев со својата неодговорност ја турка Македонија кон грчко сценарио и тотален колапс на целокупната економија“, изјави Данев.