ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од Филипче за тендерите за набавките на Хематологија


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од министерот за здравство, Венко Филипче за тендерите за набавките на клиниката за хематологија. Тие обвинуваат дека директорката на клиниката, Ирина Пановска Ставридис доделила три тендери во вредност од три милиони евра на веледрогеријата „д-р Пановски“, која е во сопственост на нејзиниот татко.
„Доколку тоа што Директорката на клиниката, Ирина Пановска Ставридис е ќерка на Златко Пановски, сопственикот на веледрогеријата добитник на тендерот, не е злоупотреба на службена положба и корупциски скандал, власта да објасни на јавноста за што станува збор? Ова е директен судир на интереси на штета на буџетот. Ќерката директор на клиниката овозможува тендери за компанијата на татка си, и тоа во три наврати во период од септември лани до мај годинава. На сајтот на Бирото за јавни набавки се прикажани сите три договори меѓу Клиниката за хематологија и веледрогерија „д-р Пановски“, но, како јавија и медиумите, документите за две од трите постапки ги нема, а на достапниот договор наместо ќерката-директор, потпишани се овластени потписници. Министерот Филипче залудно се крие од одговорност, кога самиот тој ја поставил ќерката на Пановски за директор, иако уште тогаш во јавноста се говореше за конфликт на интереси заради врската меѓу министерот со директорката на клиниката за хематологија“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.