ВМРО-ДПМНЕ бара Владата да ги објасни тезите на Груби


ВМРО-ДПМНЕ секогаш се залагало и ќе продолжи со заложбите за членство на Македонија во ЕУ и НАТО. Сепак, неуспехот во остварување на двете стратешки цели од страна на Владата предводена од СДСМ и ДУИ може да има сериозни последици. Доколку не се обезбеди решение за спорот за името кое нема да задира во македонскиот национален идентитет и доколку не се обезбеди влез во ЕУ и НАТО, одговорноста целосно е на товар на несериозната, шарлатанска и антидржавна политика што ја водат Зоран Заев и коалициските партнери, изјави денеска Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој побара Владата да ги објасни изјавите на пратеникот на ДУИ Артан Груби и неговата средба со посредникот Метју Нимиц.

„Владата вчера одмолчи и не се огради од изјавите на Груби. Нема дури ни информација од страна на Владата до посредникот Нимиц дека предлозите кои ги изнесува Груби не се предлози на македонската страна, туку предлози на грчки авторитети. Министерството за надворешни работи и премиерот Заев се должни да одговорат кој го прати Артан Груби на средба со посредникот Нимиц? Во чие име Груби ги изнесува идеите на грчките авторитети? Кои се тие идеи? Зошто се кријат од македонската јавност? Дали пораките на грчките авторитети Премиерот Заев ги пренесува токму преку Артан Груби“, рече Јанушев.

Според него, во пресрет на разговорите меѓу Димитров и Коѕијас, се наметнува дилема за кои одвоени прашања ќе разговараат двајцата министри? Дали ќе останат на ставот дека нема да се разговара за идентитетот, за промена на Уставот, јазикот и националноста – како што ветуваше Заев или се е ставено на маса за пазарење како што изјави Груби?

„СДСМ и ДУИ како да се натпреваруваат кој ќе направи поголема отстапка без да се направи проценка за штетата што ја предизвикуваат на сметка на македонските национални интереси. Сведоци сме на срамно пазарење со највисоките државни интереси. Доколку наводите на Груби не се точни и не се преговара за идентитетот, јазикот и националноста, Владата мора веднаш да се огради и да ги отфрли неговите идеи. Уште еднаш повторувам и бараме како ВМРО-ДПМНЕ, доколку Груби настапува волунтаристички, премиерот Заев веднаш да преземе соодветни мерки и да го санкционира однесувањето кое ги урива македонските национални интереси“, рече Јанушев.