Вмровскиот оркестар свири според внатрешен договор


Пратеникот Јохан Тарчуловски, како и секој комита од историјата, бара пиштолот и камата да му судат ако ја предал Македонија. Не се ова години и векови под турско ропство, па некој да го даде животот ако гласа за уставните промени. И неговите сопартијци и колеги од пратеничките клупи, поточно најголемиот дел од нив, не можат да поднесат да се смени уставното име, па не би гласале за Северна.

Да нема дилеми, не станува збор за некаква расштиманост на вмровскиот оркестар. Напротив, тоа е внатрепартиски договор. Само се поставува прашањето што сакаат да добијат? Една од оценките е дека со тоа сакаат да го поттикнат бојкотот.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која брои 42 пратеника и уште шесте на нивните коалициски партнери, веројатно најмногу би сакала референдумот да успее, да има над 903.000 гласачи и мнозинството да биде „за“ договорот со Грција. Во тој случај, би ја почитувале партиската директива да кренат рака кога во Собранието ќе се гласаат уставните измени. Вака, доколку референдумот биде некомплетен, ќе мора да покажат став.

Не се убедливи објаснувањата од седиштето на партијата дека пратениците, всушност, биле на истите линии како лидерот Христијан Мицкоски, кој вели дека ќе мора да се почитува волјата на народот. Демек, пратениците рекле дека нема да гласаат уставни измени, тргнувајќи од премисата дека референдумот нема да биде успешен. Тоа во ниту една објава не е децидно кажано.

Како и да е, и самите во ВМРО-ДПМНЕ знаат дека, без оглед каков ќе биде исходот од граѓанското изјаснување, процесите се селат во парламентот. Математиката вели дека на владејачката коалиција и другите што ја поддржуваат спогодбата им требаат уште осум пратеници од опозицијата за да стигнат до потребното двотретинско мнозинство. Одамна во јавноста се калкулира со барем два од трите пратеници на Социјалистичката партија. Си имаат тие многу големи маки со законот, тешко дека прашањето за името им е на врвот на приоритетите. Другите тројца надвор од партијата, барем засега, не оддаваат впечаток дека власта може да смета на нив.

Врти – сучи, пак се враќаме на вмровски терен. И таму внатре сè тивко зборува дека ќе биле „предадени“. Само се лицитира со имиња. И тоа интересни. Некои му беа десна рака на поранешниот водач Никола Груевски. Други и ден-денес се на раководни функции. Трети имаат исти маки како социјалистите. Четврти сакаат привилегии. Петти сфаќаат дека работата е пресериозна за да бидат неми набљудувачи на процесите.

За да не дојде до тест нивната верност, како и за да не се проверува легитимитетот на партијата, многу полесно ќе беше врвот да донесеше јасна насока што да се прави на 30 септември. Не секој да се остави сам да одлучи, затоа што тоа во крајна линија и ќе го направи секој, без оглед дали некој од „горе“ ќе му сугерира да гласа „за“, „против“ или да бојкотира. Зборуваме за политичка партија, една од двете најмоќни во земјава. Од неа се бара да го прави тоа за што и е формирана – да води политика, да ги креира процесите и да ја води земјата напред. Која е поентата на нејзиното опстојување ако секогаш вели „народот самиот да одлучи“?

Велат дека се против договорот, а се за ЕУ и за НАТО. Но не кажуваат како ќе го направиме тоа ако не го завршиме процесот што го почнавме во Мала Преспа.
И токму затоа, малку е нефер и кон пратениците целиот притисок по 30 септември да биде префрлен на нивниот грб. Од нив ќе се бара да бидат „силни“ околу уставните промени откако врвот на партијата не сакаше да се изјасни. И дали ако не се доволно „силни“ ќе бидат оквалификувани како „предавници“ ако сметаат дека уставните измени се многу важни за иднината на Македонија.

Горан Адамовски