СДСМ и ДУИ вечер го утврдаат заедничкиот кандидат


СДСМ, коалициските партнери и другите партии кои даваат поддршка за заеднички претедателски кандидат, вечер ќе одржат средба на која треба да биде утврдена личноста што ќе влезе во трката за нов шеф на државата на претстојните шести по ред претседателски избори.

Координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, Јован Митрески на денешната прес-конференција рече во меѓувреме продолжуваат разговорите со ДУИ и сите други коалициски партнери.

-Се вложивме и се вложуваме во овој процес затоа што е многу значаен и вреден, бидејќи граѓаните прв пат ќе добијат кандидат за сите нив, за сите граѓани, рече Митревски.

Засега не се открива дали вечер ќе биде соопштено и името на заедничкиот кандидат или тоа ќе биде направено на конгресот на СДСМ в недела.

Во пресрет на конгресот на СДСМ, Митревски посочи дека ќе бидат разгледани и кандидатурите и предлозите што досега стигнале од општинските организации.

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на ДУИ Али Ахмети во средата постигнаа договор за заеднички претседателски кандидат, кој се очекува да биде поддржан и од Алтернатива и ДПА, како и други партии.

Алијансата за Албанците и БЕСА, пак, соопштија дека ќе ја поддржат номинацијата на амбасадорот и универзитетски професор Блерим Река. Тој од вчера се приклучи на списокот со официјални кандидати за претседател на кој е и Гордана Силјановска Давкова, зад чија кандидатура застана опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.