Владата ќе расправа за Законот за финансиска поддршка на инвестициите
Законот за финансиска поддршка на инвестициите денеска треба да помине на седница на Влада, а потоа ќе биде ставен во собраниска процедура.
Малите и средните претпријатија парите ќе ги добиваат врз основа на правилник преку Фондот за иновации и технолошки развој, но Фондот нема сам да одлучува кому да исплати, туку заедно со претставници од повеќе институции. Останатите компании ќе ги добиваат преку Владата и Агенцијата за вработување, а ќе ги одредува мешовита комисија од професионалци која ќе ја прави првата евалуација по јасен правилник. Доколку има забелешки на евалиуацијата ќе постои второстепена комисија во Владата составена од седум до осум члена. Конечната одлука за исплата ќе ја носи Владата.
За државна помош, како што најави вчера вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, компаниите што покажале резултати во 2017 година наскоро ќеможе да аплицираат согласно Програмата за економски раст, а во текот на летото да ги добијат средствата.
Првиот оглас за третиот столб за мали и средни претпријатија според најавите ќе биде објавен во текот на месецов и на него ќе мора да се конкурира, а останатите компании за субвенциите од првите два столба ќе можат да аплицираат во текот на април, а документите ќе треба да ги поднесат во Агенцијата за ТИРЗ или во Агенцијата за странски инвестиции.
Поддршка ќе добиваат само оние компании што покажале резултати и на тој начин ќе се охрабруваат да покажат поголеми резултати.
На денешната владина седница според најавата ќе се разгледа и состојбата и напредокот со ЕУ интеграцијата, НАТО, користењето на фондовите и Рамковниот договор.
Владата ќе расправа и по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судски совет на Република Македонија и по Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за судовите.
Меѓу другите точки е и Информација за давање согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на Државна урбанистичка планска документација за изградба на заеднички железнички граничен премин со придружни содржини Табановце помеѓу Република Македонија и Република Србија КО Табановце, општина Куманово, со Предлог-одлука, како и информации за напредокот на реализција на активностите за изградба на марина и поставување понтонски пристаништа на Охридско Езеро.