Владата ќе потпише меморандум за заеднички настап на пазарот на струја со Бугарија


Владата на Република Македонија на денешната  седница ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу Министерството за економија на Република Македонија и Министерството за енергетика на  Република Бугарија во областа на енергетиката, за спојување на ден-однапред пазарите на електрична енергија, и го прифати усогласениот текст на овој меморандум.

Една од целите на оваа иницијатива, како што соопшти владината прес-служба, е Македонија да се приклучи на внатрешниот пазар на електрична енергија во југоисточна Европа, со цел на учесниците на пазарот да им се понудат нови деловни можности и прекугранична трговија за постигнување на ефикасност, конкурентни цени и повисоки стандарди за услуги.

На седницата е констатирано дека овој меморандум, кој овозможува поволни околности, е резултат на либерализацијата што се обезбедува со новите законски решенија за енергетика, како и на поволната клима на пријателство и меѓусебна поддршка која произлегува од Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија.