Владата чека министер како што Заев чекаше мандат
Александра М. Митевска
Една навидум техничка работа, каква што изгледаше кадровската смена во Министерството за здравство – кога Арбен Таравари влезе во трка за градоначалник на Гостивар, се развива деновиве во бескрајна приказна чиј главен јунак, веројатно, дури на крајот ќе ѝ стане познат за публиката.
Ако продолжи со истото темпо како и во изминатите речиси два месеци, да се развлекува процесот на комплетирање на Владата по локалните избори, тогаш не би било изненадување ако кабинетот на Зоран Заев влезе и во новата година со нецелосен состав.
Ако продолжи лицитацијата со рокови (кои се пробиваа редовно во изминатиот период) за тоа кога е можен договор меѓу владејачките партнери, секако дека ќе се засилат дополнително и сомневањата дека нешто не штима во трипартитната коалиција. Дека проблемот не е во персоналните решенија што би произлегле од таборите на Заев или на Зијадин Села, ниту во евентуалните ротации на министерските имиња…, туку дека „зајакот лежи“ во новонастантите односи меѓу партнерите на „Илинденска“. И во нивните капацитети да ги проголтаат личните анимозитети за извршната власт да може да продолжи да функционира во полн состав.
Иста е главната причина и за испразнетите места во Владата и за нарушените релации меѓу партиите што партиципираат во неа. Таа причина се локалните избори. Само последиците се различни, откако СДСМ влезе во предизборна коалиција со ДУИ во неколку општини, по што доживеа кулминација дотогаш прикриената нетрпеливост меѓу Села и Али Ахмети.
Во првиот случај, најголема последица е тоа што еден капитален ресор, каков што е Министерството за здравство, е обезглавен подолго од два месеца, и тоа во период кога на новата Влада, која се конституираше во мошне бурен политички амбиент, само што ѝ истекоа првите сто дена. Во случајот, пак, со расипаната комуникација меѓу владините партнери, можните последици се сѐ уште во доменот на претпоставките. Тие се во насока на тоа дека би можело да биде доведено во прашање и без тоа тенкото парламентарно мнозинство, доколку една од партиите реши (случајно) да ја напушти коалицијата. Освен ако СДСМ нема обезбедено предвреме резервна опција за нови партнери на „Илинденска“.
И додека се чека, и се чека… Заев да ги депонира во собраниската архива имињата на новите министри, во парламентот секојдневно се „крпат“ разно-разни комбинации за обезбедување кворуми. Се закажуваат и одложуваат комисиски седници и се користи можност да се протуркаат одредени решенија додека опозицијата е надвор од законодавниот дом.
Во меѓувреме, Села им испраќа остри пораки од Вашингтон на партнерите во Скопје. Тоа и не би требало да биде големо изненадување ако се земе превид дека неговата „Алијанса за Албанците“ веќе подолго време само декларативно партиципира во владејачката коалиција, иако практично нема свој претставник на „Илинденска“.
Еден владин кабинет што претендира да спроведе толку крупни реформи, какви што се најавуваат со планот 3-6-9, и за тоа да добие поддршка и од опозицијата, не може да си дозволи ситни натегања од типот: дали ДУИ ќе даде поддршка за нов министер за здравство од редовите на „Алијансата за Албанците“; дали Села ќе биде расположен да остане во Влада во која е Ахмети или до кој датум ќе има договор за комплетирање на кабинетот – до крајот на ноември, до средината на декември, следната недела или на некој датум во февруари, март…
Една владејачка коалиција, која има амбиција да се претстави како реформска, не може да си дозволи да биде заложник на личната нетрпеливост меѓу некои од партнерите и постојано да гаси пожари поради нечии недоисполнети политички амбиции.
Ако продолжат вака да се растегнуваат преговорите меѓу партнерите за комплетирање на извршната власт, на крајот може да испадне дека оваа Влада чекала нов министер за здравство речиси исто толку време колку што Заев чекаше претседателот Ѓорге Иванов да му го даде мандатот. Во тоа време, низ улиците се протестираше против т.н. тиранска платформа, по што демонстрантите влегоа и во Собранието. Таа ситуација не беше воопшто банална за сега да се дозволи тогаш мошне тешко „спечалената“ коалиција да чкрипи толку долго и сѐ погласно – и тоа од банални причини.