Владата со пари го спасува здравството


Со исплата на септемвриската плата над 19.000 здравствени работници ќе добијат за пет отсто повисока плата. Станува збор за средномедицинскиот кадар, кој ќе добива дополнително по 1.500 денари, докторите специјалисти на универзитетските интерни клиники по 3.756 денари, лекарите специјалисти во општите болници по 4.060 денари, додека на докторите специјалисти на универзитетските клиники за хируршки болести платата ќе им биде поголема за 4.548 денари. За обезбедување повисоки плати министерот за здравство и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита потпишаа спогодба за утврдување на најниската плата за најнизок степен на сложеност и за начинот на пресметување и исплата на платите во здравствената дејност. Претседателот на Синдикатот, Љубиша Каранфиловски, рече дека ова претставува најголема придобивка бидејќи е исполнето ветувањето на Владата за зголемување на платите. Истакна дека на преговарачката маса со Министерството за здравство се ставени и корекциите на коефициентите за сестрите со средно образование.

„Најбитното за нас како синдикат е што ова покачување се однесува за сите вработени во здравството. Сметам дека со овој пристап со одредена динамика на реализирање ќе направиме комплетно задоволство во здравството и сите одредени пропусти и она што не се случуваше досега ќе биде предмет на наши договори“, рече Каранфиловски.

Министерот за здравство Венко Филипче подвлече дека со спогодбата се отвора формалниот пат за зголемување на платите на сите вработени во здравството за пет отсто, односно за зголемување на основицата за пресметување на плата за вработените во јавните здравствени установи од 12.654 денари на 13.286 денари.

„Пакетот дополнителни буџетските средства за зголемување на износот на најниската плата за сите 19.123 вработени во јавните здравствени установи е 469. 935.384 денари на годишно ниво. Како министер за здравство и како доктор пред сè убеден сум дека со зголемувањето на надоместокот за прекувремена работа, дежурствата и ноќен труд, како и зголемувањето на платите ќе се даде значителен стимул за подобрување на положбата и достоинството на сите работници во македонскиот здравствен систем“, истакна Филипче.

Мора да обезбедиме услови лекарите да бидат задоволни бидејќи само така ќе го дадат најдоброто од себе и целосно ќе се посветат за грижата на своите пациенти, рече премиерот Зоран Заев. Се надеваат дека со подобрување на перформансите во буџетот и со голема релокација на средства ќе дојдат во подобрувањето на условите за работа на медицинскиот персонал и за сите што работат во здравството. Работат на тоа да создадат уште поефикасно здравство, а конечна цел е здравствениот систем да се доближи до стандардите на развиените европски земји.

„Специјалистите со ова покачување од пет отсто, заедно со дежурствата што ги добиваат, доаѓаат до скромни 52.000-53.000 денари, а нашиот таргет е 100.000 денари. Тоа се 22 милиони евра и верувам дека тој таргет ќе го постигнеме, впрочем сум убеден дека ќе го постигнеме. Моја желба е од први јануари да биде постигнат. Ако успееме да го направиме тоа би бил многу среќен, ако не, согласно перформансите и парите што ги имаме во буџетот на располагање го правиме првиот чекор веројатно до 80.000 денари и веднаш во второ полугодие да стигнеме до 100.000 денари. Јас знам дека 100.000 денари за специјалист значи повеќе специјалисти да ни останат во државата и да не заминуваат. Одлуките се во септември заради тоа што се подготвува буџетот за 2019 година“, објасни Заев.

Министерот Филипче додаде дека се оценуваат и можностите за зголемување на капитацискиот бод на матичните лекари, за што повеќе месеци Министерството е во преговори со Здружението на матични лекари.

„Сакаме да одговориме на барањата не само за зголемување на нивните примања, туку и за некои други работи што ги бараат, а се однесуваат на промена на системот во кој функционираат за кој заеднички сметаме дека кога ќе го најдеме начинот значајно ќе се подобри функционирањето на ова ниво на здравствена заштита. Некои промени се направија кај матичните гинеколози, но истовремено работиме и на утврдување на начинот на кој ќе ги имплементираме системските промени. А, тоа е како ќе се олесни трансферот на пациентите од една ординација во друга, од еден на друг доктор, но и нешто што е многу битно и ќе го зајакне овој сегмент од здравствената заштита, а тоа е како приватните матични лекари ќе ги вклучиме во јавниот здравствен систем, посебно во руралните средини каде недостигаат доктори во здравствените домови“, вели Филипче.

За барањата на Асоцијацијата на млади лекари специјализанти да им се плаќаат патните трошоци да имаат субвенции за купување стан и платено породилно за лекарките кои ќе добијат лиценца, без разлика на работниот однос, Филипче рече дека се во постојана комуникација со Асоцијацијата. Барањата до Министерството стигнале пред неколку дена, а на средба следната недела ќе им кажат за што можат да им излезат во пресрет, а за што ќе мора да почекаат.

Вероника Мароска-Леова