Владата нема да ги вклучи гигантските монитори од „Скопје 2014“


Речиси десет месеци двата гигантски милионски ЛЕД-монитори, кои се дел од „Скопје 2014“, не се вклучени, иако се функционални. Нема да се вклучат ниту во блиска иднина. Надлежните не размислувале дали можеби ќе ги демонтираат, со оглед на тоа дека во случајов апсолутно се непотребни. Претходната влада, пак, ги користеше максимално. Беа вклучени речиси нонстоп и на нив најчесто се емитуваа владините кампањи и по некој документарец.

„Досега не се јавила реална потреба да ги користиме, а немаме намера да се рекламираме или да пуштаме музика, филмови или слично“, вели Пеце Мирчески, директорот на владината Служба за општи и заеднички работи. Од СОЗР потврдуваат дека мониторите се исправни, но децидни се дека во блиска иднина нема да се вклучат бидејќи немало таква потреба. „Навистина не знаеме за што би ги користеле ниту, пак, сме размислувале да ги тргнеме. Жално е што за нив се дадени милионски суми, а немало реално потреба да се купуваат. Уште не ни е јасно која била потребата некој да набавува ЛЕД-екрани за близу еден милион евра, и тоа во услови кога Македонија била во севкупна економска и социјална криза“, додава Мирчески.

Токму СОЗР се јавува како носител на набавката на мониторите, кои се купени во времето на Никола Груевски, и за нив се потрошиле близу милион евра. Двата монитора биле набавени преку „Сенсор“, едниот во 2015 година, а другиот една година подоцна. Цената на екранот што бил набавен во 2016 година била двојно поскапа отколку на оној од 2015 година.

Првиот екран набавен во 2015 година се постави на фасадата на новиот Факултет за драмски уметности и тој чинел 340.000 евра. За мониторот купен една година подоцна, кој се постави на Палатата АСНОМ, бил склучен договор за речиси 615.000 евра, односно двојно повеќе од првиот екран.

Сегашната влада, кусо време по преземањето на власта, посочи дека изразува сомнеж за законитоста на набавката и информираше дека ќе достави материјал до Јавно обвинителство да постапува по предметот во рамки на законската регулатива. Во меѓувреме, разврска на случајот сѐ уште нема, а од ВМРО-ДПМНЕ ги демантираа наводите посочувајќи дека мониторите биле набавени во транспарентна процедура и на законски начин.

Деспина Трајковска-Димова