Владата го погребува СЈО
Ерол Ризаов
Специјалното обвинителство, најсветлата ѕвезда на македонската арамиска транзиција, единствената независна државна институција која правно го урна корумпираниот режим на бившиот премиер Никола Груевски, е осудено на исчезнување. СЈО ќе биде погребано во догледно време, според реформите во правосудниот систем што ги најави Владата. Штом ќе ги заврши истрагите и предметите од незаконски прислушуваните разговори, СЈО ќе биде претопено во редовното јавно обвинителство. Оваа најавена смрт и озаконето убиство на правдата за недопирливите значи дека гонењето на организираниот криминал во врвот на секоја идна власт се разводенува до целосно уништување на главната супстанција која требаше да ја врати довербата во владеење на правото подеднакво за сите. Владата и во најновите судски реформи не покажува подготвеност за крупни промени во темелот за изградба на правна држава.
Тешко е да се даде рационален одговор од кои причини ја прави оваа кардинална грешка владата на Зоран Заев, бидејќи во моментот тоа е најголемото промашување токму за самата влада која се подготвува да ги почне преговорите со ЕУ и да ги примени во практиката познатите препораки од извештајот на Рајнхард Прибе. Криењето зад тоа дека СЈО ќе ги продолжи истрагите од прислушуваните разговори, бидејќи таму има уште работа на случаи за корупција на високо ниво, е тенко оправдување кое повеќе наликува на замаглување на суштината на потребата од продолжување на работата на СЈО со уште поголеми овластувања и уште поголема самостојност и професионалност во нивната основна работа – гонење организиран криминал и корупција во врвот на сите власти сегашни и наредни, а не само на претходната власт, каде што сѐ уште нема судски епилог поради силните и моќни центри на попречување на правдата.
Ако ВМРО-ДПМНЕ и нејзините рецидиви сѐ уште можат и паднати да ја попречуваат правдата, што останало за тие што се на власт и ги имаат сите механизми за одлучување и влијание. Или, пак, судските реформатори од Министерството за правда сакаат да кажат дека со падот на ВМРО-ДПМНЕ завршува и организираниот криминал и корупцијата на високо ниво. Вакво нешто не би се обидел да каже никој ни во Скандинавија, каде што е најмала корупцијата и случаите на спрега меѓу криминалците и власта, а не во балканската држава со најголема корупција и најмалку откриени случаи во изминатата година, дури помалку и од времето на груевизмот. Некои побрзаа тоа да го прикажат како да сме се справиле со корупцијата, но многу бргу се откри дека тоа, всушност, значи дека попуштиле сите механизми за контрола на ова најголемо зло во Македонија. Истражувањата покажуваат дека не завршуваат криминалот и корупцијата, туку се намалува нивното откривање и гонење.
Не држи ни малку ни оправдувањето за ваквиот чекор дека законските измени во обвинителството се подготвуваат во соработка со странски експерти под покровителство на американската амбасада. Никој нема да ја попречува Македонија ако сака да ја зајакне борбата против криминалот и корупцијата во високите ешалони на власта и моќните центри на бизнисот. Предлозите да се зголемат овластувањата на специјалното обвинителство, по примерот на она во Романија и во еден дел на она во Хрватска со специјална агенција за истраги на незаконски стекнат имот и неплатени даноци, ќе беше полн погодок и за државата и за враќање на довербата во судството, конечно, и голем плус за Владата дека навистина се определила за независно функционирање на институциите на системот и за владеење на правото. Ако СЈО добиеше специјално полициско и судско одделение, со поголем број обвинители и вештаци, експерти за истражување организиран криминал и корупција, и ако се формираше специјално одделение кое ќе го истражува потеклото на имотот на луѓето од врвот на власта и најмоќните функционери и деловни луѓе, тоа странските ангажирани експерти ќе го поздравеа, а не да служат за оправдување дека ова е идеално решение кое има виза од странските експерти.
Проширувањето на надлежностите на СЈО во една значајна независна институција за гонење криминал и неправедно богатење на највисоките функционери во државата ќе предизвикаше позитивно влијание и на редовното јавно обвинителство и на постојните одделенија за гонење на организираниот криминал кои досега работеа под силен притисок на властите и во еден поголем дел беа партизирани, при што евидентно беа нарачувани судски пресуди со повеќегодишна робија на политички противници и на конкуренти во бизнисот на мафијата. Ваквиот потег ќе предизвикаше позитивно влијание врз целиот правосуден систем, ќе го зголемеше угледот на државата и ќе влијаеше на подобрување на сегашната катастрофално лоша перцепција за корумпираноста во Македонија.
Во судските реформи во делот на специјалното јавно обвинителство најразочарувачки е ставот на Министерството за правда во врска со продолжување на рокот на СЈО да може да покренува нови обвиненија против високи актуелни функционери. Заменик-министерот за правда Оливер Ристовски во интервју за „Независен весник“ вели: „Илузорно е да се продолжува рок што престанал пред долг временски период“. Не знам што сака да каже со ова заменик-министерот, но ова мене ми личи на диверзија на судските реформи. Истото тоа тврдење за истечениот рок на СЈО беше најсилен адут на Михајло Маневски, правниот партиски стратег кој го партизираше судството. На тој поминат рок на СЈО се потпираа најголемите противници и обвинетите за криминал и корупција и злоупотреба на власта од врвот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од определбата на Министерството за правда да го претопи СЈО во сивилото на правосудниот систем полош е само ставот на сегашниот врв на ВМРО-ДПМНЕ, кој заробен во чаурата на Груевски и неговите најблиски соработници, кои секој ден се во судските сали, сѐ уште како опозициска партија не може да го согледа значењето на СЈО со нови и поголеми надлежности во гонење на криминалот и корупцијата во врвот и на оваа власт. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, се однесуваат како заштитници на криминалците од претходната власт, но и како поддржувачи на намерата да исчезне СЈО. Зачудувачки е како Мицкоски одби да шутира десет пенали против власта со силна поддршка на зголемување на овластувањата на СЈО. Не може тоа да го направи оти претходно ќе мора да ги расклинка криминалците кои ја доведоа државата на ова дереџе да биде поместена меѓу најкорумпираните во Европа.