Владата во Бугарија го „преживеа“ и второто гласање за недоверба


Владејачката коалиција во Бугарија, државата која месецов го завршува претседавањето со ЕУ, „преживеа“ денеска гласање за недоверба, кое го побара опозицијата, обвинувајќи ја владата на премиерот Бојко Борисов за неуспешна борба против нараснатиот криминал и неможноста да гарантира владеење на правото.

Во бугарскиот парламент, од вкупно 240 пратеници, 131 пратеник ја поддржаа владата, 104 беа против, а петмина беа воздржани.

Ова е второ гласање за недоверба со кое се соочи владата на Борисов, откако неговата партија ГЕРБ минатата година дојде на власт.

Опозицијата како причина за иницијативата го наведе спектакуларното бегство на двајца затвореници од централниот  затвор во Софија, неразјаснети убиства на јавни личности и порастот на криминалот.