Виси аферата со грантовите


Македонија покажала разочарувачки резултати во борбата против корупцијата и исполнила само шест од 19 препораки на ГРЕКО, групата на држави против корупцијата, антикорупциско тело на Советот во Европа. Тие препораки се стари веќе четири и пол години.
Во време кога стигна извештајот на ГРЕКО, кое бара да се исполнат препораките најдоцна до 30 јуни 2019 година, останува да виси аферата со доделувањето грантови од Фондот за иновации, на чија листа се најдоа фирми во кои удел имал вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот од редовите на СДСМ, Хари Локвенец.
Обвинителството сè уште не отворило истрага за случајот и сè уште утврдува дали во доделувањето имало корупциски елементи. Обвинителот уште ги утврдува фактите и дејствијата и нема донесено одлука дали ќе биде отворена истрага за овој предмет. Случајот е сè уште во предистражна постапка за која од обвинителството велат дека е тајна.
„Си тече постапката, се преземаат дејствија за утврдување на фактите, но детали за кои дејствија и како, во моментов обвинителството не може да сподели“, велат од Обвинителството и додаваат дека ќе следува јавнообвинителска одлука што ќе биде јавно соопштена.
Директорот на Фондот за иновации Јован Деспотовски вели дека поголем број од добитниците на грантовите доставиле изјави за сопственичката структура на нивните фирми, обврска која беше наметната поради реакциите во јавноста.
Ако биде утврдено дека некоја од компаниите има спорна сопственичка структура, таа компанија идната недела ќе биде јавно објавена и Фондот ќе побара Комитетот за одобрување на инвестициите повторно да ги разгледа тие проекти.
Вкупно 79 компании добија грантови од Фондот за иновации, а по обелоденувањата за евентуален судир на интереси, фирмите на Анѓушев и Локвенец се откажаа од нив. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ секојдневно обвинува дека власта е вмешана во криминални тендери и грантови кои како што велат ги добиваат „партиски послушници“ на СДСМ.
Од сите обелоденети афери во последниве месеци, делумна разрешница доби само скандалот за злоупотребата на полицискиот џип откако министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски најави предлог за разрешување на Велковски.
Тој се очекува да биде разрешен, а премиерот Зоран Заев одлучи да не го разреши Анѓушев иако поранешните антикорупционери препознаа судир на интереси во случајот со доделувањето на грантови.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на социјалната мрежа Твитер напиша дека борбата во СДСМ ќе се води преку МВР.
„Директорот на БЈБ, Велковски, заслужи разрешување. Но, прашањето е кој го намести? Веројатно некој од внатре, негови или соработници на министерот кои можеле да знаат каде е неговиот телохранител, да го следат и уредно фотографираат. Борбата во СДСМ ќе се води преку МВР!“, напиша Милошоски.
Случаите во кои има сомневања за корупција нема кој да ги разрешува бидејќи Македонија остана без Антикорупциска комисија. Улогата на оваа комисија е потенцирана во извештајот на ГРЕКО и тоа бара ова тело да ја зајакне контролната функција.
Во извештајот ГРЕКО пишува дека ДКСК не покажала голема проактивност во 2016 година поради што бара да се зајакне контролната функција на ова тело и да се поддржи балансиран и политички слободен пристап на ДКСК.
Нема значително подобрување и во системот за спречување корупција кај пратениците, судиите и обвинителите во последниве 4 години, се вели во извештајот на ГРЕКО. Според ГРЕКО, целосно неиплементирана е препораката Собранието да ги развие внатрешните механизми и упатства за спречување на судир на интереси и за прифаќање на подароци, гостопримство и други бенефиции.
Телото бара да се смени Уставот во делот каде што се овозможува членство на министерот за правда во Судскиот совет по службена должност, за да се зајакне независноста на судството од несоодветно политичко влијание, и покрај тоа што во пракса оваа препорака на некој начин е имплементирана бидејќи министрите за правда на последните две влади не учествувале во работата на Судскиот совет.
ГРЕКО препорачува да се ревидираат дисциплинските мерки за обвинителите на тој начин што прекршоците ќе бидат јасно дефинирани, од една страна, и да се осигура оти разрешувањето на обвинителите е можно само во случај на сериозно недолично и незаконско однесување од друга страна.
Фросина Факова – Серафиновиќ