Вирџил Аблох промовира ново сако: Два во еден за топ-изглед


Франција – „Долче и Габана“ го врати трендот дами да носат машко сакоа. Вирџил Аблох од „Луј Витон“ направи револуција на Неделата на машка мода во Париз и го промовира на пистата сакото два во еден.

Сакото е неизбежно модно парче во гардероберот на секоја жена и маж, класик кој може да изгледа добро на секој можен начин. Ако го комбинираме со фармерки, патики и бела памучна маичка – добиваме одличен секојдневен изглед, а ако го комбинираме со „пенсил“ сукња или панталони со висок струк (кај жените), добиваме префинет изглед за деловна атмосфера.

По само шест години од лансирањето на сопствениот бренд, лани, дизајнерските парчиња на Вирџил Аблох (38) станаа најпопуларни и ги надминаа модните куќи како „Шанел“, „Гучи“ и „Баленсијага“.

Кога во 2012 година го формираше брендот за луксузна улична мода „Off-White“, никој не очекуваше дека Вирџил ќе направи револуција на модната сцена. Прво, глобалната платформа за пребарување Lyst го промовира во најпопуларен бренд, кој за една година, за 33 места се искачи на самиот врв, потиснувајќи ги брендовите како „Шанел“, „Гучи“ и „Баленсијага“.

Аблох се истакна со колекцијата посветена на принцезата Дајана, а во 2018 година го дизајнираше и фустанот со здолниште од тул за тенисерката Серена Вилијамс во кој настапи на Отвореното првенство на САД. За неговата модна ревија на Неделата на висока мода во Париз, најмногу се зборуваше, а ја носеа манекенките Бела Хадид и Кендал Џенер. Неговата облека ја носат и Ким Кардашијан, Ријана и Наоми Кембел. Позицијата на креативен директор на машката мода во „Луј Витон“ му донесе дополнителна популарност како и соработката со „Најк“ и „Икеа“, „Џими Чу“, „Тимберленд“.

Аблох, кој е женет и татко на две деца, е роден во Чикаго, од доселеници од Гана. Завршил постдипломски студии по архитектура на Институтот за технологија во Илиноис. Веднаш по студиите, се приклучува на креативниот тим на раперот Кање Вест. Аблох истовремено е и интернационален диџеј, со сетови во Њујорк, Мајами и Јужна Кореја, а лани настапи и на „Лолапалуза“.