Вилма Трајковска доби награда за општествени заслуги од ОМД


Во канцеларијата на Обединета Македонска Дијаспора (ОМД) вчера им беа врачени награди на Вилма Трајковска, сопругата на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, и на Маријана Петир, пратеничка во Европскиот парламент од Хрватска.

На приемот  организиран од ОМД во нивна чест, претседателот Мето Колоски и врачи награда на Трајковска за oпштествени заслуги и за лидерство, како истраен амбасадор на Македонија во светот.

Воедно, сопругата на поранешниот македонски претседател стана и почесен член во Советодавниот одбор на ОМД во програмата жени лидери.

– Оваа награда за општествена служба е мошна значајна за мене. Тоа е уште една афирмација за работата и активностите што ги имаме во рамките на фондацијата Борис Трајковски, изјави Трајковска.

Таа се заблагодари до македонскиот народ, до ОМД, и до своето семејство за огромната подршка добиена во изминативе години. Даде посебна благодарност до починатиот сопруг.

– Тој беше претседател на Македонија и е моја најголема инспирација за продолжување на неговото наследството, изјави Трајковска.

Маријана Петир доби награда за пријателство со Македонија поради нејзините заслуги за промоција на Република Македонија во Брисел и во Европскиот парламент и за нејзините постојани заложби за зачленување на нашата земја во Европската Унија.

Петир и Трајковска вчера учествуваа на 66-от Национален молитвен појадок, традиционален собир на светски емисари, амбасадори, политичари и бизнис лидери организиран од Белата куќа.