Викторија Тодоровска пред Игрите во Пјонгчанг: Не сакам да ја разочарам Македонија
Има силна Б норма, „пука“ од возбуда и адреналин, посветена е на крос кантри и биатлон трките и со нетрпение го чека настанот на нејзината досегашна кариера. Стекнување со статус на олимпиец е сон на секој спортист што во случајот на Викторија Тодоровска е претворен во јаве на 17 години. Секој момент од сонот наречен Зимска олимпијада ќе го впива со широко отворени очи и пори во Пјонгчанг. Како една од најмладите македонски претставници, ако не и најмлада, ќе настапи во крос кантри трката на 10 километри на 15 февруари. Не е обремената со никаков императив за резултат, време, пласман освен што посакува да финишира во настапот.
„Немам никаков притисок. Се е во ред. Присутна е мала трема од причина што ми е прва Олимпијада, но е позитивна и во насока што ќе направам. Пред мене, сепак, на големо натпреварување, натпреварување од највисок ранг, на кое ќе учествувам за првпат во мојата кариера. Имам 17 години и не би можела да зборувам за време со кое би ја поминала патеката. Да имав уште едно вакво искуство зад мене, ќе знаев што да очекувам“, вели Викторија Тодоровска.
Тодоровска ќе биде во друштво на 136 девојки во конкуренцијата за која е пријавена на Игрите во Јужна Кореја. Зад себе има напорни подготовки со тренерот Борче Јовановски и настапи на неколку трки и изразува надеж дека сработеното ќе биде во функција на постигнување што ќе ја направи среќна, задоволна, горда.
„Мал период од подготовките бевме заедно со Ставре Јада во Покљука, во Словенија по што продолжив на трките во биатлон во јуниор куп. Работев напорно во сиот изминат период, реализирав една обемна, комплексна програма, направив се што беше поставено како задача. Имам добра Б норма и се надевам дека ќе бидам релативно добра и дека нема да ја посрамотам Македонија“, дополни Тодоровска.
Разочарување ќе нема. Секако. Очекувањата на домашната јавност се скромни како што биле и за сите претходни Олимпијади по распадот на Југославија на кои Македонија учествувала самостојно. Тодоровска е, сепак, млада олимпијка која допрва треба да се кали во најсилната светска конкуренција во крос кантри и во биатлон. Пјонгчанг е само почеток за креација на уште понапорна работна агенда што би била предуслов за надградба во континуитет во кариерата. И мотив плус, се разбира, за остварување на резултати што ќе ја задржат во олимписката делегација и за зимската Олимпијада во Пекинг во 2022 година.
С.Ѓ.Димовски