(ВИДЕО) Џентлменски концерт на Брајан Фери во Филхармонија


Британскиот поп-пејач Брајан Фери, завчера, настапи во Скопје во рамките на неговата европска турнеја. Концертот во Македонската филхармонија уште долго ќе се прераскажува од повеќе причини. Фери заедно со неговиот бенд за момент ја вратија скопската публика во минатото во некои поубави времиња, кога поп-музиката била далеку поквалитетна. Токму затоа, и неговите песни остануваат безвременски хитови.

На сцената се појави како холивудски глумец, облечен во црн костум, пријателски расположен, со дозиран авторитет и енергија која ги освои сите. Ретко кому му успева да биде толку шармантен и пријатен за око и за уво. Со неговиот стас и став веднаш најави дека следуваат два незаборавни часа. Така и беше.

Ги пееше старите хитови како „Avalon“, „Slave to love“, „Don’t stop the dance“, „More than this“, а за крај ги остави „Let’s stick together“ и „Jealous guy“.
Ретка е можноста да имаме таков интимен концерт со артист од светски калибар како Брајан во сала како што е Македонската филхармонија. Атмосферата беше на завидно ниво, а публиката полека се опушташе, па втората половина на концертот, па сè до крајот ја поминаа во стоечки и силни аплаузи.

Неговиот бенд на оваа турнеја, на самата сцена брои осум члена: тапанар, басист, гитарист, две исклучителни вокалистки, виолинистка и неповторливата саксофонистка и клавијатурист Џорџа Чалмерс. Токму таа и остави најголем впечаток, после Фери. Имаше моменти на нејзини соло-интерпретации кои им даваат посебна убавина на песните. Таа е позната како силна жена и мајка на две мали деца, која многу често на турнеите ги понесува со себе. Светските медиуми пишуваа дека Чалмерс е вистински погодок за бендот на Брајан Фери, родена во 1982 година, кога албумот „Avalon“ е реализиран. Овој податок, во интервјуа често го споменува и самата Џорџа.

Визуелниот дел на концертот е уште една причина за суперлативи. Речиси секоја изведена песна добиваше свој нов амбиент, светла и форми. На моменти се добиваше чувство дека целата сала е во движење.
Ова е трет концерт на Фери во Македонија.
Брајан фери (72) ја почна кариерата во 1973 година како член на „Рокси мјузик“. Ја стекнува светската слава во 1982 година со албумот „Avalon“, а во текот на кариерата има продадено над 30 милиони албуми, колку што тежи во долари.

Концертот на Брајан Фери во Скопје беше во рамките на 25. концерти кои „Авалон продукција“ ги вети за годинава и на тој начин ја прославуваат својата годишнина. Во публиката на концертот имаше актери, пејачи, музичари меѓу кои и Влатко Стефановски. Присутни беа и дел од владините претставници, како министерот на надворешни работи Никола Поповски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерката за правда Рената Дескоска.

Ивана Настеска