(ВИДЕО) Шекеринска во Вермонт: Македонија го заслужи членството во НАТО


Министерката за одбрана Радмила Шекеринска смета дека Македонија го заслужува членството во НАТО со својата посветеност и работа, како и дека поканата од Алијансата би придонела не само за стабилноста на земјата, туку и на целиот регион.

– Мојата цел е да ја побарам поддршката од стратешкиот партнер на Македонија, САД, во пресрет на Самитот на НАТО. Македонија го заслужи местото во НАТО, работевме напорно. Покажавме дека Македонија е посветен партнер на кој членките на Алијансата можат да сметаат. Веруваме дека поканата за Македонија за членство во НАТО ќе придонесе за нашата стабилност, но и за стабилноста во регионот, и ќе биде во интерес на САД“, рече Шекеринска на прес-конференција за американските медиуми за време на посетата на Сојузната држава Вермонт.

Таа на прес-конференијата одговараше на новинарски прашања за средбите со гувернерот и командантот на Националната гарда во Вермонт, за целта на официјалната посета на САД, за пораките кои ги доби на средбите со официјалните лица во Вашингтон и значењето на поддршката од стратешкиот партнер за членство на Македонија во НАТО.