(ВИДЕО) ФХ3Х работеше на Марвеловиот „Црн пантер“


Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на најновиот член на Марвеловиот Универзум „Црниот Пантер“. Филмот од 15 февруари ќе се прикажува на редовниот репертоар на киното „Синеплекс“.

„Црниот Пантер„ е филм за суперхерои, продолжение на „Одмаздниците: ерата на Ултрон“ и „Капетанот Америка: Цивилната Војна“, со кој Марвел ја отвори 2018 година во која ја прославува десетгодишнината од својата работа.

Ликот на Црниот Пантер (Т’чала) е базиран според лик од Марвеловите стрипови, а во филмот улогата ја има Чадвик Босман, а покрај него настапуваат Мајкл Б. Џордан, Лупита Нјонг, Данаи Гурира, Мартин Фримен, Анџела Басет, Форест Витакер, Летиша Рајт, Винстон Дјук и др. Во филмот, Т’чала се враќа дома како крал на Ваканда, но своето кралство го наоѓа во опасност од дологодишен непријател, во конфликт кој може да има глобални последици, и како што самиот ќе открие: „тешко е добар човек да биде крал“. Режијата е на Рајан Куглер, додека сценариото е на Џои Роберт Кол.

Според Кристијан Даниловски, косопственик на ФХ3Х и извршен продуцент, на овој проект работеле вкупно 105 артисти од септември до декември минатата година.

– Овој проект го работевме во соработка со Метод студиос Ванкувер и на филмот беа изработени околу 200 кадри, а како фанови на серијалот со нетрпение очекуваме да го видиме во целост. Од извршниот уредник на Фандаго, Ерик Дејвис, најпопуларната страна за купување карти за во кино, преку твитер порака дознаваме дека „Црниот Пантер“ ги надминал сите рекорди во продадени карти во предпремиерна продажба, и го надминал досегашниот Марвелов рекордер „Капетанот Америка: Цивилната Војна“ од 2016 година за помалку од 24 часа. Со оглед дека премиерата беше најавена со ТВ спот со музика од Кендрик Ламар и Винс Стејплс, ни музиката нема да не остави рамнодушни. За визуелните ефекти оставам да погледнете и да оцените сами – изјави Даниловски.

Премиерата на филмот „Црниот Пантер“ се одржа на 29 јануари во Лос Анџелес, додека со прикажување во Америка ќе започне во петок на 16 февруари. Критиките кои ги доби се одлични, со пофалби за режијата, костимографијата, секвенците на акционите сцени, музиката, и актерската реализација, а има и оценки дека е најдобриот филм од Марвеловиот Универзум досега. Всушност, овој е суперхерој филм со најдобрите критики на сајтот „Ротен Томатос“ досега, надминувајќи го „Неверојатните“ од 2004 година, кој беше досегашниот.