(ВИДЕО) Трамп донесе конечна одлука: Новите авиони на Боинг нема да летаат во САД


Американскиот претседател Доналд Трамп пресече и донесе одлука да ги приземји сите авиони од типот Боинг 737 Макс.

Првиот човек на САД изјави дека е загрижен за безбедноста на патниците по фаталната несреќа која се случи со авионот на „Етиопијан ерлајнс“. Американскиот претседател изјави дека Сојузната управа за цивилно воздухопловство ќе ги приземјат сите модели на Боинг 737 Макс.

САД беа меѓу последните држави кои одлучија да го приземјат овој тип на авион од американската компанија Боинг. Велика Британија, Германија, Франција и Ирска беа последни во низата држави кои објавија дека го затвораат својот воздушен простор за овие модели на авиони.

„Безбедноста на американскиот народ и сите луѓе е наша најголема грижа“, изјави Трамп.

Авионите кои се во воздух ќе бидат приземјени по слетувањето на последната дестинација. Акциите на Боинг по ова соопштение се намалија за речиси 10 бода или 2,5 проценти.

Трамп ја пофали Боинг како „фантастична компанија“ и изјави дека се надева дека оваа комапнија „многу брзо“ ќе одговори за причината за падот на леталото во Етиопија, но „додека не го направат тоа, авионите се приземјени“.

Речиси 40 проценти од активната флота од 371 Боинг 737 Макс се приземјени на светско ниво, според наводите на „Флајт Радар“, а тоа вклучува и 97 авиони на најголемиот пазар, во Кина.