(ВИДЕО) Таксист влета во колоната возила на Еди Рама, три лица се повредени


Два автомобила од придружбата на албанскиот премиер Еди Рама учествуваа во сообраќајна несреќа на патот кон Корча при што се повредени три лица, пренесува Репорт ТВ.

Несреќата се случи кога такси влетало во придружбата на Рама. Според албанските медиуми најверојатна причина за несреќата е густата магла.

Рама од Тирана патуваше за Корча, каде денеска попладне треба да се одржи заедничка седница на албанската и косовската Влада, а за утре е предвидено заедничката седница да продолжи во Валона.

Во инцидентот повредени се три лица и се хоспитализирани. Тие се вон животна опасност, а во несреќата се оштетени вкупно четири возила, од кои две од придружбата на Рама.