(ВИДЕО) Среде концерт пејачот на „Килерс“ повика тинејџер од публиката да свири на тапани


Францускиот тинејџер Франсоа Ристорсели доби неочекувана можност да засвири на сцена со американски бенд „Килерс“ на нивниот настап на фестивалот „Лолапалуза“ во Париз.

Непосредно пред групата да ја засвири песната „For Reasons Unknown“, Франсоа, кој беше во првиот ред пред бината, подигна транспарент на кој пишуваше: „Може ли да свирам на тапани?”

Фронтменот на на „Килерс“, Брендон Флауерс, го виде неговиот транспарент, а потоа го праша дали знае да ја свири песната „For Reasons Unkonown“. По потврдниот одговор, тој го покани да им се придружи на сцената. Кога се искачи, тапанарот Рони Ванучи му ги подаде палките и му го отстапи своето место.

Судејќи според реакциите на воодушевената публика и на бендот, Франсоа одлично се снајде на тоа место.

Тој потоа постави снимка од својата изведба на Фејсбук коментирајќи: „Мојот прв настап беше со ‘Килерс“ на ‘Лолапалуза’ во Париз! Тоа е едноставно магично!“