(ВИДЕО) Перформанс или напад: Маж со слика по глава ја удри Марина Абрамовиќ


Познатата српска уметница Марина Абрамовиќ денес беше удрена со слика по главата во дворот на музејот „Палацо строци“ во Фиренца, а директорот на установата Артуро Галансино рече дека Абрамовиќ не била повредена.

“Сè е во ред“, напиша Галансино на Твитер, кој инаку е куратор на ретроспективната изложба за Марина Абрамовиќ, објави АП.

Италијанските медиуми велат дека сликата, која била со дрвена рамка, всушност е портрет токму на Абрамовиќ, а била насликана од напаѓачот.

Галансино рече дека Марина Абрамовиќ, која го користи своето тело како уметнички медиум, сакала да го праша човекот зошто го сторил тоа.

Италијанскиот весник „Кориере дела сера“ пишува дека напаѓачот, чие име не е објавено, се појавил двапати во јавноста во Фиренца во последниве години, а во една пригода лежел на лажни долари.

Полицијата започна истрага за инцидентот.