(ВИДЕО) Непосреден и совршен концерт на „Тексас“ во Скопје


Пријателска атмосфера, убава музика и звук и одличен разговор го окарактеризираа вчерашниот концерт на „Тексас“ во Скопје. Салата на спортоско рекреативниот центар „Кале“ беше солидно исполнета, но и покрај бројноста на публиката, концертот имаше интимна димензија.

Вокалистката Шарлин Спитери беше многу непосредна во пристапот и комуникацијата, што ни создаде впечаток на пријателка со која цел живот се познаваме. За загревањето пред нивниот настап се погрижија одличните „Ареа“ и преку нивните хитови подготвија терен за настапот на шкотските музичари.
„Тексас“ го започнаа концертот со „I dont want a lover“, песна, чии стихови наизуст ги пееше целата сала. Потоа, следуваше уште еден одличен флешбек со безвременската „Summer son“ и веќе беше јасно дека на овој концерт многу ќе се пее и игра. Така и се случи.


Момент што дефинитивно го одбележа концертот е искрениот, хумористичени пријателски однос на Шарлин. Помеѓу песните водеше забавни разговори, претставувајќи ги членовите на нејзиниот бенд, зборуваше и за нејзината приватност и споделуваше впечатоци од престојот во Скопје.
– Три дена сме во вашата земја, вчера имавме слободен ден и бевме во Старата чаршија, јадевме гравче со леб. Вие навистина знаете да готвите, вашата храна е неверојатна – рече Шарлин и додаде дека не и јасно како тоа досега немале концерт во Скопје и ни порача за следен нивни настап тука да не чекаме да ги поканиме по 30 години, туку тоа да се случи повторно наскоро.

Беше искрена и за обидите да се справи со нејзината ќерка-тинејџерка, па присутните во публика ги запраша кој од нив има 16 годишна ќерка. Откако доби одговори од неколкумина кои подигнаа раце низ смеа им рече: Вие ме разбирате што зборувам.

– Многу ја сакам ќерка ми, но нејзиното однесување понекогаш ме вади од такт. Ја прашував мајка ми, дали јас сум била таква како тинејџерка, бидејќи не се сеќавам дека сум била таква, а таа само ми рече ‘Те мразев можеби две години во тој период’“, низ смеа раскажуваше Шарлин за предизвиците да се израсне на прав пат еден тинејџер. По овој разговор таа ја отпеа „In Demand“ и им ја посвети на сите родители со деца-тинејџери.
Се случи уште еден интересен момент кој потврди дека Шарлин е прекрасна личност. Имено, девојка која беше во првиот ред на концертот, го извади мобилниот и сакаше да направи „селфи“ додека Шарлин пееше приближена кон публиката. Тогаш, обезбедувањето сакаше да ја потргне девојката за да не пречи, но Шарлин низ пеење рече „Во ред е“ и се спушти на земја за да овозможи подобра фотографија.

Следуваа и песни од нивниот последен албум „Jamp on board“, а на крајот од концертот како јаготка на шлагот ги отпеа „Inner smile“ и „Say what you want“. Токму на „Inner smile“ се чувствуваше кулминацијата од концертот кога буквално целата салата беше на нозе, а Шарлин нè почести и со познатиот „Елвис денс“ кој го паметиме од спотот од оваа песна. На самиот крај, бисот беше резервиран токму за Елвис и „Suspicious Minds“. Концертот беше во органзација на Авалон продукција и како дел од нивното одбележување на 25 години постоење.

Ивана Настеска