(ВИДЕО) Ливерпул го урна Баерн среде Минхен, Барселона го демолираше Лион


Екипата на Ливерпул забележа убедлива победа на гостувањето на Баерн во Минхен со 3:1 и по ремито без голови во првиот натпревар на „Енфилд Роуд“ се пласираше во осминафиналето од Лигата на шампионите, а таму друштво ќе и прави и Барселона која не дозволи ново изненадување во најелитното клупско фудбалско натпреварување на Стариот континент и со убедливи 5:1 го совлада Лион.

Баерн Минхен не покажа апсолутно ништо на реванш осминафиналната средба пред своите навивачи, иако многумина сметаа дека оние 0:0 од првиот натпревар се одлична залиха за реваншот на домашен терен. Јирген Клоп му одржа лекција на својот колега од спротивната страна Нико Ковач и со убедливи 3:1 на „Алијанц Арена“ се пласираше во осминафиналето.

Ливерпул беше подобриот противник во поголемиот дел од натпреварот, а иницијативата на „Црвените“ беше крунисана со погодокот на Садио Мане во 26 минута по асистенцијата на Вирџил ван Дајк.

По овој гол, Баерн се обиде да наметне свое темпо и имаше иницијатива кон противничкиот гол, а по една мешаница и ударот на Гнабри, Жоел Матип си ја затресе сопствената мрежа во 39 минута.

Се надеваа Баварците во второто полувреме дека ќе успеат да дојдат до пресврт и резултат кој ќе ги одведе во четвртфиналето, но Ливерпул едноставно беше подобар противник вечерва. Напрво Вирџил ван Дајк со голот во 69 минута го врати водството на Ливерпул, а конечните 1:3 ги постави Садио Мане со својот втор гол на натпреварот во 84 минута.

На вториот меч вечерва Барселона го пречека Лион по 0:0 во Франција, па со право Каталонците стравуваа од ново чудо во осминафиналето. Но, Лионел Меси и неговите соиграчи не дозволија такво нешто, па со убедливи 5:1 го демолираа францускиот претставник.

Токму Лионел Меси беше диригентот на Барселона во убедливата победа. Аргентинецот го отвори резултатот со прекрасен „паненка“ гол од пенал во 18 минута, а во 31 минута Филипе Кутињо по прекрасната акција и асистенцијата на Суарез го удвои водството на домаќините.

Надежите на Лион се вратија со голот на Тусар во 58 минута, а по тој погодок, гостите од Лион тргнаа одлучно кон голот на Тер Штеген, имаа неколку одлични акции и обиди, но не успеаја да реализираат, по што следуваше казна на спротивната страна.

Лионел Меси со прекрасна соло акција зголеми на 3:1 во 78 минута, а потоа во 81 и 86 минута им асистираше на Пике, односно Дембеле за конечни 5:1.