(ВИДЕО) Зошто Индонезија немаше предупредување за цунамито?


Во неочекуваниот удар на цунами во крајбрежните области меѓу индонезиските острови Суматра и Јава загинаа над 200 лица, а околу 800 се повредени. Спасувачките екипи на секоја минута извлекуваат повредени кои се затрпани под објектите кои се срушија.

Би-Би-Си анализира зошто индонезискиот народ не бил предупреден дека ќе се случи вакво цунами и дали трагедијата можела да се одбегне доколку се евакуирало локалното население?

Со оглед на тоа дека цунамито не е последица на земјотрес, што е вообичаена причина да се случи, станарите не беа предупредени на природната катастрофа што им се случи.

Експрети објаснуваат дека сега се истражува дали цунамито е поврзано со ерупцијата на вулканот Анак Кракатау.

Се претпоставува дека причината е одронот на земјата во морето откако вулканот еруптирал. Вулканологот Џес Феникс за Би-Би-Си вели дека големи се шансите да е тоа причината и при еруптирањето на вулкан, да предизвика поместување на тлото.

– Тоа може да доведе до лизгање на земјата вкоја создава притисок врз морската површина и да предизвика цунами – објаснува тој.

Понатаму тој вели дека доколку дошло до потрес од ерупцијата на вулканот, локалните жители ќе беа предупредени за опасност од цунами и ќе имаа шанса да се евакуираат.

Иако мерните апарати забележале поместување на тлото, тоа не било доволно силно за луѓето да почнат да бегаат, јавува Би-Би-Си.

– Загинаа 222 лица, 843 се повредени, а 28 се водат како исчезнати, соопшти портпаролот на индонезиската Агенција за справување со елементарни непогоди, Сутопо Пурво Нигрохо.

Тој нагласи дека се стравува оти билансот на жртвите ќе се зголеми во следните часови, бидејќи постојано пристигнуваат информации за нови жртви од погодените реони.

Нигрохо утрово информира дека најтешко е погодена провинцијата Бантен, од каде потекнуваат повеќе од половина од загинатите.

Локалните власти соопштија дека при налетот на цунамито се разрушени стотици домови и други објекти.

Цунамито откорнало и голем број дрва кои ги блокираа патиштата, што го отежува пристапот на спасувачките екипи до настраданите.

Агенцијата за метеорологија, климатологија и геофизика апелираше до локалните жители и туристите да стојат подалеку од брегот, нагласувајќи дека тоа предупредување ќе биде во сила до 25 декември.

– Ве молиме да не се приближувате до плажите. Оние кои се евакуирани се молат се уште да не се враќаат дома, соопшти Агенцијата.

Раководителот на Одделот за предупредување за земјотреси и цунами при Агенцијата, Рахмат Тријоно призна дека на Индонезија и недостига систем за рано предупредување на опасност од големи бранови при ерупција на вулкани.

– Механизмите за рано предупредување со кои располагаме во моментов, првенствено се однесуваат на тектонски појави, а не на вулкански, изјави Тријоно.

Кон крајот на септември индонезискиот остров Сулавеси го погоди земјотрес со интензитет од 7,5 дстепени според Рихтеровата скала, кој предизвика цунами бранови високи и до седум метри, при што загинаа над 2.200 лица, над 10.000 беа повредени, а над 1.000 прогласени за исчезнати.