(ВИДЕО) Заев: Полициските и безбедносните служби да ги достигнат западноевропските служби


После сите премрежија и предизвици со кои се соочија службите во Министерството за внатрешни работи (МВР), успеавме да ја вратиме основната функција на оваа служба да биде најцврстиот столб кој ја гарантира државноста, јадро на сигурноста и безбедноста на Република Македонија и во исто време полиција, пријател и заштитник на граѓаните, истакна премиерот Зоран Заев на денешното одбележување на Денот на македонската полиција 7 Мај.

Новата цел, додаде тој, е полициските и безбедносните служби да ги достигнат западноевропските професионални служби.

– Резултати веќе стигаат, а ќе стигаат уште повеќе и уште побрзо доколку сите општествени чинители политичките сили и граѓаните гледаме напред кон иднината и преземеме обврска дека заедно ќе соработуваме во спроведување на законските решенија кои се дел од големата реформа на институциите и на службите во нашата земја, рече Заев.

Многу е важно, потенцираше тој, Македонија да ги професионализира и да ги деполитизира службите и да изгради систем кој ќе ги осигура основните функции на полицијата независно од промената на политичките раководства на власт.

– Полицијата и МВР никогаш повеќе не смеат да бидат злоупотребени во политички цели заради оддржување на поединци на власт, рече премиерот Заев.

Ги повика посебно полициските службеници да продолжат да ја обавуваат нивната работа согласно законите и Уставот на Република Македонија.

– Вие сте првоповиканите, први изложени на ризик кога треба да се бранат граѓаните и безбедноста на државата. И да знаете вашата одговорност е препознаена и признаена. Тоа граѓаните го ценат и почитуваат, рече Заев.

На граѓаните, пак, им порача да продолжат да соработуваат со полицијата и со нејзините службеници уште посилно затоа што тие се нивен и на нивното семејство најголем пријател и заштитник.

– Продолжуваме да работиме и да ја враќаме довербата во институциите. Тие се ваш сервис и мора да работат во ваша служба. Потребна е и вашата вклученост за постигнување на целите, кажа премиерот.

Тој исто така ги повика граѓаните да ги почитуваат законите, сообраќајните правила, да пријавуваат незаконски дејствија, да се борат да се почитуваат законите…

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави зголемување на платите на полициските службеници од 1 декември оваа година.

– 4.900 полицајци ќе добијат покачување на платата, кое на годишно ниво Министерството ќе го чини 79 милиони денари. Од свои средства МВР обезбеди униформа за единиците, се купија дрегери и радари, се опремнуваатѕ полициски станици и работните простории. Ова успеавме да го направиме за една година. Ова е почеток на создавање на нов лик на МВР – одговорно, професионално и посветено се клучните постулати на нашето работење, рече Спасовски.

Високо на нашата агенда се реформските процеси преку кои ја, како што кажа тој, МВР ја враќа довербата кај граѓаните.

– Го реформираме системот за следење на комуникациите, ја зајакнуваме наддворешната контрола над полицијата, ја интензивираме соработката со граѓанските организации, дозволуваме да бидеме контролирани и критикувани, рече министерот.

Зборувајќи за минатогодишните насилства во Собранието, Спасовски кажа дека извршителите и креаторите не смеат да останат неказнети.

– Особено оние кои ја злоупотребија полицијата и се обидоа да ја свртат против својот народ, рече министерот за внатрешни работи.

Во показните вежби учествуваат 600 полициски службеници. Наградени се седум лица од кои тројца од шестата управа, еден припадник на Алфите и тројцата од одделението за обезбедување на имоти и лица.

Со едноминутно молчење денеска почит им беше искажана и на сите припиадници на безбедносните служби кои ги дале своите животи.

Показни вежби по повод Денот на полицијата во изминатите денови се одржаа и во Охрид и во Скопје.