(ВИДЕО) Ердоган: Убиството на Кашоги беше планирано со денови


Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги било планирано со денови.

Тој пред пратениците во турскиот Парламент наведе дека видео снимките од безбедносните камери покажуваат дека Кашоги не ја напуштил зградата на Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул.

Ердоган наведе и дека камерите во Конзулатот биле отстранети.

– Саудиска екипа составена од три лица пристигнала во Истанбул неколку денови пред убиството на Кашоги, а 15 саудиски претставници влегоа во Конзулатот на денот на убиството. Саудиската екипа беше и во шума во Истанбул и во Јалова, наведе Ердоган.

Тој додаде дека во Саудиска Арабија уапсени се 18 лица поради убиството на Кашоги, што се совпаѓа во информацијата со која располага турското разузнавање.

Според турскиот претседател, Кашоги бил свирепо убиен.

Саудискиот новинар и дописник на „Вашингтон пост“, Кашоги исчезна на 2 октомври, а последен пат е виден како влегува во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул.
По повеќедневно демантирање, официјален Ријад во петокот призна дека Кашоги е убиен во Конзулатот во непланирана „караница и тепачка“.